Владата ги продолжи пониските акцизи: дизелот ќе поевтини за 6,5 денари по литар, а бензинот за 1,5 денар
Владата на денешната седница донесе одлука да ја продолжи мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати до 15 јуни, со цел да се ублажи ценовниот притисок врз граѓаните и стопанството.

Дополнително, по разговорите со компанијата „ОКТА“, која е најголем домашен снабдувач со нафтени деривати, обезбеден е и дополнителен попуст од два денари по литар, кој ќе почне да се применува од утре.
Според владините пресметки, со комбинираниот ефект од продолжувањето на мерката и новиот попуст, цената на дизел-горивото се очекува да се намали за 6,5 денари по литар, додека бензините би требало да поевтинат за 1,5 денар по литар.
Од Владата оценуваат дека станува збор за директна поддршка за граѓаните, транспортниот сектор, земјоделците и компаниите, со цел намалување на трошоците и зачувување на ценовната стабилност.
Во соопштението се наведува дека институциите ќе продолжат да преземаат мерки насочени кон заштита на животниот стандард и јакнење на економската сигурност во услови на глобални економски предизвици.





