Има голема разлика во квалитет меѓу Османи и Таравари
Осврнувајќи се на понудата во албанскиот електорат за претседателските избори, политичкиот аналитичар Газменд Ајдини во гостување за „Слободен печат“ истакна дека има голема разлика меѓу Бујар Османи и Арбен Таравари.
-Има голема разлика меѓу двата кандидати и од аспект на кандидирање но и од аспект на позиција, се работи за еден лидер на партија кај Таравари кој е поддржан од уште неколку лидери на партии, што му дава класичен политички габарит. Но кај другиот кандидат кај Османи, јас лично гледам повеќе избор на кандидат кој ги исполнува условите за една таква позиција, во смисла на искуство и бекграунд, искуство во смисла на вршење функции и работи кои се врзани со уставните ингеренции на претседателот на државата“ рече Ајдини.
Тој порача дека Османи покажал извесен државнички капацитет извршувајќи ги важните државни и меѓународни функции во изминатите години.
Ајдини потсети на функциите што Османи ги имал во неговата политичка и државничка кариера.
„Османи беше заменик-претседател на Влада задолжен за европски прашања, нешто што е во доменот на меѓународните односи, зборуваме за актуелен министер за надворешни работи и зборуваме за еден човек кој според сите показатели успешно ја изврши функцијата на претседавач на ОБСЕ и тоа беше еден добар придонес за подигање на репутацијата на државата во делот на меѓународните односи. Очигледна е разликата во квалитетот за извршување на функции меѓу двата кандидати. Кај Таравари зборуваме за министер за здравство, зборуваме за еден градоначалник кој никогаш не се занимавал со повисоки државни и меѓународни позиции“ посочи Ајдини.
Газменд Ајдини не верува дека партиите на Албанците ќе го бојкотираат вториот изборен круг за претседател за да предизвикаат политика криза, туку дека е поверојатно да ги остават гласачите сами да се определат дали и за кого од македонските кандидати ќе го дадат својот глас.
Според него копјата ќе се кршат најмногу околу тоа дали идејата за избор на претседател во Собранието ќе остане само како предуслов за идни времиња или пак главен услов сепак ќе остане промената на уставот и внес на Бугарите во преамбулата.
Тоа ќе биде показател вели Ајдини кој ќе се придржува најмногу до европскиот пат на Македонија.