Има, или не, македонски “постројби” во руската “хуманитарна” воена база во Ниш?

Добро информираната и влијателна “Слободна Далмација”, респектабилен весник со традиција во Хрватска и порано на поширокиот југословенски простор, пред два дена, осамна со наслов: “Градат ли Русите во Република Српска воена база на само 30 километри од Дубровник? И како ќе реагира НАТО ако некој ја нападне Хрватска”?

Во насловот и подсмешливата забелешка: “Најприје би кренула акција из заповједног центра у Напуљу…” директна алузија на (не)наоружаниот дрон кој експлодираше во дворот на студентскиот сместувачки капацитет во Загреб!

За тие што прв пат читаат (слушаат) мало дополнување. Кај Требиње, ќе се гради аеродром, кој беше дел од претседателската кампања на Александар Вучиќ (ќе го гради Србија) со соодветна писта за слетување на “аеродром од мал формат”, долга, односно “куса “, колку полетно – слетната писта во САД (Kenedy Space) , на која случајно слетуваат и полетуваат спејс – шатловите (Space Shuttle) на пат кон вселената!?

Случајно, или не, истиот ден, во популарната ТВ емисија (дебата) на ХРТВ 1 “Отворено”, водителот го постави прашањето, дури на два-три пати (не доби конкретен одговор!): дали веќе дошле (се стационирале) вагнеровци – “постројби”, од злогласната формација Вагнер – руска приватна војска, чии припадници последниве денови се ангажирани во Украина, заедно со Чеченците на Рамзан Кадиров.

На трагата на оваа информација, во пошироката анализа на “Слободна Далмација”, потпишана од Јадран Капор, нешто повеќе за “постројбите” , во делот каде се наведува и Македонија. Значи, овде и сега, потврда, или демант: има, или не, македонски “постројби” во руската (“цивилна“!) воена база во Ниш!?

Еве го делот од анализата во “Слободна Далмација”:

“…Руси су још у травњу 2012, уочи анексије Крима, на аеродрому “Константин Велики” у Нишу основали “Руско-српски хуманитаран центар” у којем се и данас школују постројбе за изванредна стања из Србије, Републике Српске и Македоније…”.

Легитимно е, или не, прашањето: има, или не, македонски “постројби” во руската (“цивилна“!) воена база во Ниш!?

Во нормално време, можеби и не. Но, ние не живееме во нормално, туку во абнормално време, а прашање е и дали, и самите сме сосема нормални? Не само ние. Среде Берлин, трубат, божем на свадбарски поворки, киломатерски колони возила, украсени со руски знамиња. Ги има и во Белград, ги има и во Скопје. Како што слабее интересот за ЕУ, така се зголемува анти –ЕУ и анти-НАТО расположението. И не ги обвинувајте Македонците. Тие се дури и мирни бубачиња, во однос на јужните пријатели, кои фрлаат црвена боја врз американските, односно НАТО вооружените конвои.

Ако живееме во абнормално време и ако, околу нас, се  е абнормално (молчиме како п…и под кошула на изјавите на албанскиот претседател Илир Мета во Софија за “уставно категоризираните Бугари во Албанија!”), тогаш како е можно, во услови, кога први се истрчуваме во “одбраната на Украина до последниот Украинец!”,  Руси да ни ги школуваат “построjбите” во Ниш? Нели, како што вели (повторува) воената министерка: “изедовме долг пат се додека стигнавме до НАТО во јато! “? И кој треба да го даде одговорот?Ајде, за почеток, нека биде тоа Стојанче ЦУК-ов.

Ама, биле за хуманитарни мисии!?

Да, ама која е денеска границата помегу хуманитарното и милитантното? Путинче тука ги има Вучиќ (воено неутрален кој трепкачот го има вклучено кон Брисел, а, всушност, вози за Москва!) и, ептем, НАТО и ЕУ ориентираниот Орбан, кој, што туку, доби четврти мандат – со “победа која се гледa,  не од Брисел, туку од месечината! “. А, случајно, првата честитка ја доби од Путин (исто како и Вучиќ кој, измегу две наредби за ракетирање на Мариупољ, беше почестен и со телефонски повик!) , на кого гасот ќе му го плаќа во рубљи и злато, а својот буџет го полни со евра од Брисел. И што е тука нормално?

Нека ми извинат нашиве, ама не е нормално, барем за нас постарите, кои сме минале низ сито и решето, во секоја прилика, први,  да истрчуваме пред рудата! Нема да ни биде на одмет, ако избрoиме барем до десет. Први нека истрчаат најголемите, па средните, па помалите и на крајот- најмалите. Е, таму сме ние и така треба да реагираме. Својот чин, што би рекол Владимир Назор, да го мериме според своја сила.

Бидејќи пишувам денеска за хрватски состојби, прили и неприлик, еве како би требало да реагираме врз хрватскиот пример. Хрватаскиот претседател, познат по остар јазик ( но и здрав разум), се, од прва, тера во Шпичковина! (мало место на континенталниот дел од земјата). Резонски, вели, дека е човечки да се биде на страната на послабиот. Дека станува збор за недозволива, апла агресија на една голема сила, врз помала земја, членка на ООН, со мегународно признати граници.

Но, вели, Милановиќ, нема потреба од силење и курчење! Истиот оној, кој, додека ние молчиме (ви кажав како!) за однесувањето на Бугарите кон нас, тој, тоа, им го кажува в очи, како никој во Македонија.

Кога двајца силни се тепаат во некоја балканска крчма, вели Милановиќ, повикувајќи се на реплика на Влатко Мачек, не морате да се криете баш под столиците, ама и не морате да се курчите качувајќи се на маса!

Хрватска, вели Милановиќ, треба да се однесува онака, и онолку, колку што е моќна. А, е далеку помоќна од нас. Тогаш што знае Милановиќ, а ние не знаеме?

Ништо повеќе и ништо помалку од нас. А, тоа е, дека, големите секогаш ќе се нагодат, а малите ќе останат со прстот в уста. Како тоа мегународното право важи за сите мали, а не важи за Русија (ама и Америка!)? Како тоа Путин не можат да го судат и осудат за воените злосторства што ги чини во Украина, кога цел свет се крена на нозе, а во нашата Македонија ќе те расчеречат ако не си со сите нишани анти – путиновски определен? Нема слободно размислување, дури, и ќе те судат за изнесен став на интернет.

Е, па драги мои, не можат да го судат Путин, затоа што претходно не го судеја Буш за Ирак, Клинтон за Србија, или Трамп за Сирија. Не можат да го судат затоа што големите си направиле светски поредок по своја мерка. Нема Хаг за постојаните членки на Советот за безбедност во ООН. Па нели и “курчовита”  Македонија потпиша, црно и бело, дека нема да суди на Американци за делата и неделата што ќе ги направат овде. Има ли реципрочен договор за Македонците во САД?

Ајде, да ја приземјиме, да ја разголиме работата докрај. Како тоа е можно, Македонецот – официјален владин  министер,  братот Љубе, да  темнува во Шевенинген, и тоа, во исто време и за исти дејанија, за кои не темнуваа “воините за човекови права!” – Албанци,  кои исцртуваа хиелогрифи врз  кожите на невините Македонци – цивили?

И “кој ни го тоа направи” (опрости Sинго-почивај во мир!) другарки и другари, дами и господо –кој им го тоа, со закон опрости, кој ги амнестираше?

Веле Митаноски

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close