Инцидент- Дел од затвореното за јавност реферирање на Димовски се пренесувало во живо на јутјуб

Комисиската седница, на која директорот на АНБ реферира за улогата на Агенцијата во случајот со контроверзниот Украинец Олександр Онишченко, можно е да се одложи. Причината е тоа што додека течел исказот на Димовски дел од него се емитувал на јутјуб-каналот на Собранието. Пратениците во Комисијата во текот на седницата биле известени за пропустот, а за него пратеникот Павле Трајанов го известил претседателот на Собранието кој неофицијално побарал да се истражи кој е одговорен за пропустот.

Имено, на јутјуб-каналот на Собранието одела слика од пленарната седница, но и аудио од реферирањето на Димовски. Салата 4 каде што се одржува седницата на Комисијата за надзор на работата на АНБ и АР е испразнета, а собраниските служби ги свртија и бравите од вратата, односно ја заклучија. Димовски на излегување од салата, каде што ги чекаше пратениците да се вратат од пленарната седница, рече дека одат да проверат што се случило и дека најверојатно потоа ќе се врати да даде изјава.

Инаку, седницата на барање на Димовски, кое беше прифатено од пратениците, беше затворена за јавноста, што дава дополнителна тежина на случајот.

Back to top button
Close