Интеграцијата на С Македонија во ЕУ има силна поддршка од Германија, порака од Шолц до Ковачевски

Силна поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија добил денеска премиерот Димитар Ковачевски од германскиот канцелар Олаф Шолц.

Германскиот канцелар Шолц на средбата со Ковачевски на Самитот на Европската политичка заедница во Молдавија, дал поддршка и за следните чекори кои земјава треба да ги направи на патот кон ЕУ.

Шолц и Ковачевски разговарале и за забрзувањето на евроинтегративните проеси, кои се важни за безбедноста и стабилноста на целиот регион на Западен Балкан.

Премиерот Ковачевски на маргините на самитот се сретна и со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кој исто така дал поддршка за евроинтеграцискиот процес на земјава.

„Нашата иднина е во ЕУ, друга алтернатива немаме, нашите граѓани заслужуваат европска иднина и подобар животен стандард“

напиша Ковачевски на социјалните мрежи додавајќи дека е важна силната поддршка од меѓународните партнери и поддржувачи, кои го препознаваат напредокот на нашата држава.

Поддршка за Северна Македонија да продолжи на европскиот пат, Ковачевски денеска добил и од претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

На средбата одржана на маргините од вториот Самит на Европската политичка заедница кој се одржува во Кишињев, Молдавија, Ковачевски и Мецола се согласиле дека улогата на Собранието на Република Северна Македонија е клучна и одлуката која треба во наредниот период да се донесе, е тешка, но државничка одлука.

„Таа одлука е крајно обврска на секој пратеник поединечно, и на Собранието како законодавен дом во кој директно се претставени граѓаните, кои сакаат европска иднина и сакаат да живеат во земја членка на ЕУ, но тука, дома, во Северна Македонија“,се додава во соопштението. 

Тоа не може да е одлука на еден човек, една влада или една партија и токму затоа и Ковачевски и Мецола, како што се наведува во владиното соопштение, ја потенцирале важноста на овој процес и упатиле апел до Собранието да ја донесе вистинската одлука која ќе овозможи просперитет и европска иднина за граѓаните на Северна Македонија.

На маргините на вториот самит на Европската политичка заедница во Кишињев, Молдавија, премиерот Димитар Ковачевски заедно со албанскиот колега Еди Рама, денеска, одржа средба и со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

 

 

Back to top button
Close