Иранските власти пренасочија авион со сопругата и ќерката на поранешниот фудбалер Али Даеи

Иранските власти вчера пренасочија патнички авион, спречувајќи сопругата и ќерката на поранешниот фудбалски капитен Али Даеи, кој ги поддржува антивладините протести, да ја напуштат земјата, соопштија државните медиуми во Техеран.

Властите му наредија на авионот на „Махан ер” што полета за Дубаи, да слета на иранскиот остров Киш во Персискиот залив поради тоа што сопругата на Даеи и беше забрането патување во странство, соопшти иранското правосудство.

„Навистина не ја знам причината за ова. Дали сакаа да уапсат терорист?”, изјави Али Даеи за новинската агенција ИСНА.

Даеи во својата кариера, меѓу другите, играше и за „Баерн” од Минхен и „Херта” од Берлин, а откако на социјалните мрежи изрази поддршка за протестите, властите овој месец ја затворија неговата златарница и ресторан.

Иран го зафати бран протести откако 22-годишната Махса Амини, која беше уапсена од полицијата поради „несоодветна облека”, почина во полициски притвор во септември.

Техаран ги обвини западните земји, Израел и Саудиска Арабија за поттикнување немири, а таквите тврдења беа проследени со апсење десетици лица со двојно државјанство, па така во неделата беа уапсени седум граѓани „поврзани со Британија”.

Коментирајќи ги последните апсења, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канаани, рече дека улогата на Велика Британија во последните настани е целосно деструктивна и оти Лондон ги поттикнува немирите.

Групата за човекови права ХРАНА соопшти дека за време на протестите биле уапсени околу 18.500 граѓани, а владини претставници тврдат дека повеќето се ослободени.

Покрај апсењата, властите воведоа забрана за патување на десетици уметници, адвокати, новинари и познати личности поради поддршка на протестите.

ХРАНА објави и дека до 25 декември биле убиени 507 демонстранти, меѓу кои 69 малолетници, како и 66 припадници на безбедносните сили.

Back to top button
Close