ИРЛ: МПЦ влегува и во бизнисот со струја

По градежниот бизнис, Македонската православна црква се вклучува и во бизнисот со струја. МПЦ заедно со уште четворица партнери на 25 ноември основале компанија за производство на електрична енергија, пишува ИРЛ.

Освен МПЦ, основачи на компанијата „Друштво за производство на елекрична енергија Хец Драгов дол коо Кичево“ се и Сретен Миладиновски, Александра Аврамовска, Слободан Јовески и фирмата „Мелничко пекарска индустрија Жито Караорман АД Кичево“.

Митрополитот Тимотеј на Дебарско – кичевската епархија за ИРЛ вели дека одлучиле да вложат во изградба на мала хидроцентрала.

„Планирано е хидроцентралата да се гради на реката Треска, но идејата се уште е во зародиш. Кај нас често се случува некои работи да се започнат, но не секогаш се завршуваат. Се надевам дека оваа идеја ќе се реализира“, вели Митрополитот Тимотеј.

Тој не знаеше дали се веќе поднесени барањата за лиценца за производство на електрична енергија.

„За тоа има посебни луѓе и јас навистина не знам до каде е таа работа“, одговори Митрополитот.

Тој вели дека со партнерите досега не соработувале, но лично се познавале. Компанијата е регистрирана на домашната адреса на Аврамовска во Кичево. Управител е Сретен Миладиновски. Според основачкиот договор, Миладиновски ако треба да изврши плаќања кои се поголеми од 1000 евра, ќе мора да добие и потпис од МПЦ.

Управителот Миладиновски, кој е сопственик и на „Жито Караорман АД“ не е нов во бизнисот со струја. На име на „Жито Караорман“, регистрирани се уште две компании за производство на електрична енергија „Хец 408“, а „Жито Караорман“ со општината Македонски брод има склучено и договор за јавно приватно партнерство за изградба на мала хидроцентрала на реката Треска.

Повеќе на ИРЛ.

Back to top button
Close