Италијанците зимава ќе штедат плин со намалување на температурата во домовите и деловните простории

Италијанските власти планираат зимава да го намалат греењето во домовите и деловните простории со цел да се намали потрошувачката на гас и ризиците поврзани со целосен прекин на дотокот на руски гас.

Пред почетокот на конфликтот во Украина, Италија 40 отсто од својот гас го увезуваше од Русија, но набрзо се сврте кон барање алтернативни патишта за снабдување и само во помала мера продолжи да се потпира на Москва.

 

Според владиниот план објавен денеска, температурата во станбените и другите јавни објекти ќе се ограничи на 19 степени Целзиусови, што е за еден степен пониско од претходно. Во индустриските области температурата ќе биде регулирана на 17 степени, а греењето ќе се вклучува секој ден по еден час пократко.

 

Рим е во преговори со индустриското лоби Confindustria, со кое планира да договори дополнително намалување на потрошувачката на гас на доброволна основа.

 

Италија се надева дека ваквите ограничувања ќе ја намалат потрошувачката на гас за околу 3,2 милијарди кубни метри во периодот од август до март.

 

Властите, истовремено, имаат намера да ја намалат потрошувачката за дополнителни 2,1 милијарди кубни метри со користење на алтернативни извори за производство на електрична енергија, а поединците и компаниите ќе бидат охрабрени да ја намалат потрошувачката, што значи дека вкупната побарувачка на енергија може да падне за 15 проценти, во согласност со пошироките планови на Европската Унија.

Од почетокот на септември, Италија ги наполни своите резервоари за складирање гас до 83 отсто од капацитетот за да ги собере резервите пред почетокот на постудените месеци, се наведува во владиниот документ.

Back to top button
Close