Италијанското Министерство за здравство денеска oбјави предупредување за 12 градови поради исклучително високи температур
Италијанското Министерство за здравство денеска oбјави предупредување за 12 градови поради исклучително високи температури откако бран топол воздух од Африка ја зафати јужна Европа и ги зголеми температурите на повеќе од 40 степени Целзиусови, а најлошото допрва следи.
Општинските власти во неколку градови во јужна Европа и на Балканот презедоа мерки за грижа за старите лица, а тимовите за цивилна одбрана упатија повици за испраќање хеликоптери и други авиони за гаснење на шумските пожари кои беснеат во јужна Италија.
Во Грција, општините направија климатизирани простори достапни за јавноста. Одредени форми на работа на отворено, како што е физичката работа, се забранети во најтоплиот период од денот кога температурата е 40 степени.
Денеска и в четврток во повеќе земји се очекува температурите да достигнат и над 42 степена.
Шпанската национална метеоролошка служба објави дека термометрите во наредните денови би можеле да достигнат и над 44 степени Целзиусови.
Во Тирана, улиците и кафулињата вчера беа речиси празни, а луѓе користеа и чадори за да се заштитат од сонцето. Високите температури и ветровите ги разгореа пожарите од југот кон северот на Албанија во последните недели.
Дури и со релативно посвежи 34 степени, властите во Истанбул издадоа предупредување за жештина, советувајќи ги жителите – особено постарите, бремените жени, децата и оние со здравствени проблеми – да избегнуваат излегување помеѓу 10 и 16 часот.
Голем дел од Грција исто така е во топлотен бран кој ќе трае до крајот на неделата, а во некои области се прогнозира да достигне и над 42 степена. Топлотниот бран се прогнозира да достигне врв денеска и в четврток, особено во централните, западните предели и северна Грција, каде температурите би можеле да достигнат и 43 степени.