Избрана е фирма што ќе ги гради катните гаражи во Клиничкиот центар, потврди Таравари
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска потврди дека е избрана фирмата што ќе ги гради катните гаражи во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со која деновиве треба да се потпише договорот за отпочнување со реализација на проектот.
-Да, завршен е тендерот. Комисијата ги разгледуваше сите документи. Известен сум дека се е во ред и се надевам дека деновиве ќе треба да се потпише, рече Таравари но не го откри името на фирмата на новинарско прашање по промоцијата на нова медицинска опрема за одделот за Урологија во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“.
Владата на седница на 20 август донесе одлука за спроведување на постапката за изградба на катни монтажни гаражи во Универзитетски Клинички центар – Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје, со што треба да се реши сообраќајниот хаос во Клиничкиот центар.
Формирана беше Комисија за спроведување на постапката за доделување на договор за воспоставување на Јавно – приватно партнерство за изградба на катни монтажни гаражи во Комплексот клиники.