Израел мора да ги заштити цивилите во Рафах, порача Бајден

Цивилите кои се наоѓаат во градот Рафах на југот на Појасот Газа се во тешка ситуација и мора да бидат заштитени, порача американскиот претседател Џо Бајден, пренесува Би-би-си.

Тој го повика Израел да направи веродостојни напори за заштита на повеќе од еден милион Палестинци кои се засолнети во Рафах на границата со Египет откако претходно беа раселени од други делови на Појасот пред копнените операции на израелската војска.

Сега Израел, како што најави премиерот на земјата Бенјамин Нетанјаху, планира копнена офанзива и врз Рафах, кој во меѓувреме е под жестоки воздушни напади на израелските сили со голем број жртви.

Апелот за заштита на цивилите Бајден го упати по вчерашната средба со кралот на Јордан, Абдула во Вашингтон.

Тој рече дека секоја голема воена операција во градот не треба да продолжи без веродостоен план за гарантирање на безбедноста на оние што живеат таму.

„Многу луѓе таму беа раселени, раселени повеќепати бегајќи од насилството на север и сега се во Рафах, изложени и ранливи. Тие треба да бидат заштитени“,изјави американскиот претседател.

Американскиот претседател Џо Бајден, исто така, рече дека САД работат напорно за да посредуваат во уште една пауза во борбите во Газа, со цел да се овозможи достава на хуманитарна помош и материјали во регионот и да се извлечат заложниците што ги држи Хамас.

„Клучните елементи на договорот се на маса“,рече Бајден, но додаде дека сè уште „има празнини што остануваат“.

Белата куќа минатата недела соопшти дека нема да поддржи големи израелски операции во Рафах без претходно да се посвети внимание на големиот број бегалци кои се наоѓаат таму.

Предупредувања до Израел да не ја започнува планираната офанзива на градот на југот на Газа упатија и голем број други земји и меѓународни организации.

Шефот на британската дипломатија Дејвид Камерон вчера изјави дека Израел треба да застане и сериозно да размисли пред да преземе дополнителни активности во Рафах.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ги повика сојузниците на Израел да престанат да испраќаат оружје бидејќи премногу луѓе се убиени во Газа.

Борел ги повика сојузниците на Израел, првенствено САД, да престанат да испраќаат оружје

Минатата недела Саудиска Арабија предупреди на многу сериозни последици доколку Рафах биде нападнат.

Шефот на Обединетите нации за човекови права Волкер Турк рече дека секој напад би бил застрашувачки и дека многу цивили најверојатно ќе бидат убиени.

Back to top button
Close