Како натаму? Нема одговор зашто – одговор нема

Не станува збор веќе за „власт“ или за „опозиција“: Македонија како држава пропушти уште една шанса за ЕУ. Не поминавме низ „прозорецот на можноста“ кој ни го отворија и сега ќе чекаме барем неколку години за слична можност. „Прозорецот на можноста“ наречен „француски предлог“, ни го отвори геополитиката предизвикана од руската агресија врз суверена европска држава и од раководството на ЕУ кое, во сојуз со САД, безбедноста на континентот ја стави на врвот на својата агенда.

Но, меѓународната политика знае да направи ненадејни свртувања. Во случај на победа на Трамп целата сегашна безбедносна структура во Европа би можела да колабира со повлекување на Америка од Европа. Тогаш, цената на ЕУ драматично ќе порасне, особено за оние кои се надвор од процесот на пристапување. И изборите за европскиот парламент можат да донесат промени. Тоа се, всушност, национални избори во 27 земји членки на Унијата во кои, со подемот на десницата, расположението кон проширувањето е во пад па не може да се исклучи замрзнување на тој процес заедно со замрзнувањето на војната во Украина, на неодредено време. За среќа, прогнозите велат дека екстремната десницата нема да има одлучувачко влијание во идниот европски парламент но и дека сегашното влијание ќе се зголеми. Во секој случај, оние кои тргнале по патот до членство преку преговори ќе продолжат, а Македонија, Косово, Босна и Херцеговина и Србија ќе чекаат.

Што ќе чекаме ние? Ние ќе чекаме нов договор со ЕУ за продолжување на преговорите со кој ќе се поништи или барем ќе се ревидира „францускиот предлог“. Како? И гледајте го сега овој парадокс: опозицијата не одговара на прашањето ниту кога нејзините високи претставници се запрашани од оние со кои треба да го репреговара, како Америка, на пример! Имено, прашањето неодамна им го постави претставник на оваа држава при посетата на Скопје но, претставниците на партијата на македонските националисти, немаа одговор. Немаа одговор затоа што – одговор нема. Страшна е одговорноста која опозициската партија ја зеде врз себе кога, не гласајќи во македонскиот парламент, го напушти редот пред вратите на ЕУ. Имено, шансата нема да се повтори во догледно време и само некоја трагедија, која никој не ја посакува, може повторно да го сврти вниманието на Унијата и на Америка кон нас. Излегувајќи од редот пред вратите на ЕУ, Македонија во меѓународната политика се повеќе личи на лушпа орев во разбрануван океан. Ќе не држат ли око? Колку што им дозволува времето и нивната агенда.

На средба со министерот за надворешни работи на Австрија, Алојз Мок, во нивната мисија при ОН, во 1992 година, барам или подобро кажано замолувам за признавање и воспоставување дипломатски односи. Не е можно сега зашто вие не сте на агендата на австриската политика, вели Мок, чија држава веќе ги призна Словенија и Хрватска. Но, продолжи, до признавање би можело да дојде ако и кај вас избие војна. Пораката беше јасна: Ете како можете да го свртите вниманието врз својата земја во меѓународната политика. Му се заблагодарив на начин за да разбере дека неговата опција е тотално неприфатлива. Нашиот примарен интерес беше токму мирот и независност преку политиката на мирољубиво самоопределување до членство во Западните сојузи. Тоа е патот и денес. И, немојте да и завидуватае на Украина за почеток на преговори и за кафето на Шолц за Орбан и да посакувате нешто слично за Македонија. Такво кафе скапо се плаќа.

Денко Малески

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close