Калински за СЕ – Жалам што МТВ не испрати коментатор на Светското во Катар
Во споредба со вкупната сума што се дава за да се откупат телевизиските права за светското првенство, за техничките потреби, мислам дека најмал трошок е еден или двајца коментатори да отидат на светското првенство. Гледачот го забележува тоа, вели долгогодишнито спортски новинар Златко Калински во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Господине Калински, на кого типувате дека ќе го освои Мундијалот?
Бразил важи за најголем фаворит и во моите очекувања Бразил е репрезентацијата којашто можеби е најблиску до светската титула со оглед на составот што го имаат, со оглед на желбите што ги имаат 20 години, тежнеат, мечтаат, гладни се за шампионската титула. Мислам дека Бразил ќе стигне конечно до својата шеста круна.
На самиот старт од првенството се случи неочекувана победа на Саудиска Арабија над Аргентина. Која друга селекција може да изненади?
Има повеќе репрезентации кои можат да направат изненадување. Еве изненадување направи Јапонија, ја совлада Германија на сличен начин како што Аргентина загуби од Саудиска Арабија. Светското првенство е голем полигон на желби, особено во ова денешно време кога фудбалот на сите континенти достигнува едно завидно рамниште, така што мислам дека ќе има уште изненадувања. Меѓу тие изненадувања може да биде и една Србија, затоа што со многу амбиции отидоа на Светското првенство. Фаворит од сенка може да биде и Шпанија, која од 2010-та наваму нема добри резултати на светските првенства, ама видовме со оној старт од 7:0 против Костарика, дека со Луис Енрике на чело можат да бидат, но резултатите на Шпанија не се изненадување. Мислам дека ќе биде интересно, тешко е да се каже кој натаму може да направи изненадување. Секој натпревар си носи своја тежина. Секој влегува со своја амбиција и со шанси за успех.
Граѓаните може да го следат првенството преку Македонската радио телевизија. Но, свој известувач во Катар телевизијата нема. Како гледате на тоа? Толку ли е голем трошок да се пратат двајца-тројца луѓе да известуваат во живо?
Па во споредба со вкупната сума што се дава за да се откупат телевизиските права за светското првенство, за техничките потреби, мислам дека најмал трошок е еден или двајца коментатори да отидат на светското првенство. Јас често комуницирам со своите колеги од МТВ, ми беше многу жал кога ми кажаа дека нема да оди ниту еден коментатор. Мислам дека е многу важно гласот на нашиот национален сервис да допре од поприштето на светското првенство, барем во завршниот дел, ако не и на почетниот дел. Сме имале таква практика на отворањето на големите манифестации и крајот да биде зачинет со коментирање на лице место. Мислам дека тоа е многу важно и за спортската програма и за гледачот, со поинакви очи ќе ги следи тие главни натпревари.
Сте известувале во живо од четири Светски првенства и девет Олимпијади. Имате над 2000 преноси во кариерата. Може ли да ја опишете разликата од пренос во живо и пренос од студио?
Огромна е разликата.
Го забележуваат ли гледачите тоа?
Сигурно, сигурно го забележуваат, огромна е разликата. Јас работев финални мечеви од три светски првенства. Во Франција во 1998-та Атанас Костовски го работеше финалето. Известував од мундијали на три континенти, два од Европа, еден од Азија и еден од Јужна Америка. Сето тоа носи иста убавина, ист набој, сето тоа треба да се доживее и кога ќе влезете на пренос од лице место секогаш влегувате со еден поинаков филинг, го чувствувате здивот на гледачите, здивот на земјата-домаќин што го организира тоа светско првенство, влегувате со многу повеќе информации, одошто може да ги добиете дома. Контактирате со колеги, контактирате со фудбалски имиња коишто се блиски на одредени репрезентации, на репрезентациите коишто играат во даден натпревар, сето тоа си го носи своето и носи еден повисок квалитет на работа и на коментирање.
целото интервју ТУКА