Капки врел сунѓер откриени на јакната на Андреј Ѓорѓиевски – презентирани материјални докази за пожарот во ,,Пулс” , oдбраната на обвинетите повторно ги оспори доказите

Обвинителството денеска во судницата изнесе серија материјални докази од увидот по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, со фокус на пиротехниката како причина за пожарот и улогата на запаливите материјали во објектот, меѓу кои и полиуретанскиот сунѓер.
На рочиштето беа презентирани пронајдени предмети од лице место – изгорен ресивер за активирање пиротехника, ранец со дополнителни ресивери, батерија од девет волти и неискористено пиротехничко средство. Обвинителството оцени дека пожарот настанал како последица на употреба на пиротехнички средства од страна на групата ДНК.
Пред судот беше презентиран и фотоалбум со 92 фотографии кои ја покажуваат состојбата по пожарот – уништен ентериер, поставеност на сцената, излезите и внатрешната структура на објектот.
Според обвинителството, во дискотеката биле забележани три празни противпожарни апарати, голема количина запаливи материјали како стиропор, гипс-картон и дрво, како и сериозни пропусти во евакуацијата – заклучени врати и блокирани излези.
Посебен акцент беше ставен на полиуретанскиот сунѓер поставен за звучна изолација, набавен уште во 2012 година, кој, според наодите, бил високо запалив и при согорување создавал жешки капки.
Токму такви траги биле пронајдени и кај дел од жртвите. Кај облеката на пејачот Андреј Ѓорѓиевски се констатирани капки од полимерен материјал – полиуретан, кој при горење ослободува екстремна топлина и токсични гасови, вклучително и цијанид.
Преживеани сведоци потврдиле дека врз нив капеле жешки капки од плафонот, што дополнително ги повредувало додека се обидувале да се спасат.
Според вештачењата, во објектот се развила температура од околу 800 степени Целзиусови, што, во комбинација со запаливите материјали и пренатрупаниот простор, довело до брзо ширење на огнот и масовно труење.
Фотографиите покажуваат и сериозни инфраструктурни пропусти – тесен влез кој бил единствен за евакуација, задна врата заклучена со катанец која подоцна била насилно отворена од пожарникарите, празни хидранти, затворени прозорци со гипс-картон и мали отвори со метални решетки.
Објектот, како што беше посочено, бил поранешен производствен погон кој бил пренаменет во дискотека.
Одбраната повторно ги оспори доказите и побара нивно изземање и нови вештачења, но судијката ги одби овие барања. Обвинителството оцени дека ваквите потези имаат за цел развлекување на постапката.
Извор: skopje1.mk






