Каракачанов без поддршка во Парламентот за Свети Кирил и Методиј

Јавната дебата во Народното собрание во Бугарија, без зелено светло за предлогот на Каракачанов сесловенските просветители Кирил и Методиј да бидат само бугарски.

На јавната дебата во Народното собрание во Софија, за предлогот на партијата на Красимир Каракачанов „Обединети патриоти“, 24 мај од Ден на сесловенската писменост да се прогласи за Ден на бугарската писменост, не присуствуваа пратениците од редовите на партијата на премиерот Бојко Борисов, „Граѓани за европски развој на Бугарија“. На расправата не присуствувал ниту еден член од владата иако биле поканети и министерот за образование Красимир Влчев и министерот за култура Боил Банов.

Пратениците од редовите на партијата на Борисов во првото читање го поддржаа предлогот да биде исфрлено во името на празникот 24 Мај, да не се нарекува Ден на бугарското образование и култура и словенската писменост, туку – Ден на бугарската писменост, образование и култура.

На научната дебата која се одржа вчера попладне во бугарското собрание на која учествувале над 50 научници според бугарските медиуми повеќето од нив се против промена на името на празникот 24 Мај.

Центарот „Кирил и Методиј“ при Бугарската академија на науките (БАН) изјавил дека не само бугарските, туку и другите народи го признале словенското писмо.

Бугарски „Дневник“ пишува дека ако се гледа расположението од дебатата тогаш тешко дека ќе дојде до промена на името на празникот. „Дневник“ пренесува дел од изјавите на научнциите меѓу нив и на професорката Ана-Марија Тотоманова од универзитетот во Софија „Св. Климент Охридски“ која смета дека не треба да има промена во името „бидејќи старобугарскиот јазик е создаден како наднационален јазик и се шири во Русија, Србија и други земји, а делото на Кирил и Методиј исто така е наднационално“.

„Ќе го загубиме својот придонес кон културата во Европа ако словенската писменост ја замениме со бугарска“, ја цитира бугарски „Дневник“ Тотоманова.

И според нејзиниот колега Александар Николов, ако се отстрани словенската писменост, на Русија и на Србија ќе им била дадена карт-бланш за да го узурпирале. Според него, „нема да бидеме побугари ако го одвоиме зборот словенска“.

„Бугарија ќе го изгуби својот придонес кон европската култура“, „Преку ова може да им се даде на Русија и на Србија карт бланш да го узурпираат“, „Може да се фокусираме на придонесот на Бугарија без промена на името“ – се само дел од мислењата на бугарските научници за идејата на десничарската коалиција „Обединети патриоти“.

„Поддршката за промена на името на празникот се чини дека е мала“, пишува „Дневник“.

Предлогот на „Обединети патриоти“ на Каракачанов во бугарскиот парламент влезе пред две недели. Тогаш партијата ГЕРБ на премиерот Борисов го поддржа првото читање на идејата од името на празникот да биде изваден зборот сесловенски. Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера предупреди дека едностраниот потез на Софија во однос на просветителите сигурно ќе ја блокира работата на комисијата бидејќи прашањето на Кирил и Методиј е веќе решено.

Според македонските власти ваквиот чекор на Бугарија не е во согласност со Договорот за добрососедство, бидејќи за Свети Кирил и Методиј комисиите веќе имаат постигнато консензус и дефинитивен текст како да се интерпретира улогата и како да се одбележат заеднички меѓу двете држави. Поместување од тоа што го работеле комисиите значи дека се минира целиот процес на комисиите, смета македонската страна.

Back to top button
Close