Кирил Петков: Русија ја искористи корупцијата во Бугарија за да изврши влијание
Националната корупција се користи како алатка од страна на странски земји како Русија за да се влијае на внатрешната стабилност и политика и да се создаваат зависности, поради што борбата против корупцијата е толку важна, рече бугарскиот премиер Кирил Петков во обраќањето на економскиот форум во Делфи, Грција, што го пренесе владината прес-служба.
Петков рече дека е потребна сериозна дискусија не само на национално ниво, туку и на регионално, европско и глобално ниво, бидејќи актуелната ситуација со војната во Украина јасно ја покажа природата на режимот во Русија, од кој никој не сака да биде зависен.
Кирил Петков даде пример со корупцијата во Бугарија. Тој посочи дека Бугарија е една од најзависните од Русија во областа на енергетиката, но во исто време во последните 10 години не е направено доволно за диверзификација.
Премиерот го спореди „Турски тек“ со интерконектор со Грција. Тој посочи дека иако многу поскапиот „Турски тек“, кој не носи вистинска диверзификација, се изгради брзо, интерконекторот меѓу Бугарија и Грција се гради 10 години и сѐ уште не е довршен. Кирил Петков увери дека во моментов сериозно се работи на интерконекторот и ќе биде готов кон средината на оваа година.
Бугарскиот премиер во својот говор истакна и дека ризикот од нестабилност на Западен Балкан е уште еден потенцијален канал на руската надворешна политика. Поради оваа причина, потребни се дефинитивни превентивни акции во нашиот регион, рече Петков. Време е заедно да покажеме дека Балканот е симбол на координација, додаде тој.