Клековски: Во контакт сме со фондација од Холандија за да донесеме кожни графтови за повредените
Директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски на денешната прес-конференција нагласи дека во последните четири години сме имале 28 случаи, од кои шест со висок степен на изгореници.
-Ние имаме околу стотина изгореници годишно на целата територија на Македонија во текот на една година, со тоа што тоа вклучува изгореници од пегла, од топла вода и од сите можни причини. Изгореници од пожар се најтешката категорија затоа што покрај оштетување на кожата вклучува и респираторни оштетувања. Од овие стотина случаи што ги имаме годишно, во последните четири години сме имале 28 случаи од кои шест со висок степен на изгореници, значи зборуваме за втор и трет степен на изгореници. Комплицирани случаи на изгореници со кожен графт сме имале вкупно 11 случаи и полесни изгореници со кожен графт трансплантација 11 случаи. Вкупно 28 случаи во четири години, рече Клековски.
Информира дека во 2024 година сме имале пет тешки случаи, од кои два со висок степен на изгореници и три со кожен графт пресадување со компликации.
-Во државата имаме генерално три болници со одредено искуство со изгореници – Пластична хирургија, ЈЗУ клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“-Скопје и Детска хирургија. Меѓутоа другото, ова се клиники каде и сега згрижуваме пациенти. На Пластична хирургија во 2022 година имало два тешки случаи на изгореници, во 2023 година седум случаи со 20 до 60 проценти на изгореници и во 2024 година имало два случаи – едниот со 20 а другиот со 60 отсто на изгореници. За три години имало вкупно 11 случаи. Во ЈЗУ клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“-Скопје – затворениот Центар за изгореници има два клинитона и два кревети, вкупно 4 кревети. Натамошните фази се високо специфични и бараат специфично искуство. И затоа се решивме да праќаме пациенти во странство, рече тој.
Директорот на Фондот соопшти дека во период од 10 години, односно од 2017 години вкупно се пратени пет случаи на лекување во странство, кои биле потешки од тоа што можат нашите болници да се справуваат. Како што потенцира, пратени се еден случај во Гент, Белгија, еден случај во Истанбул и три случаи во Пирогов во Софија. -Во Софија имаме два случаи кои се лекувани три години. Ова го кажуваме за да сфатиме колкав е предизвикот со кој се соочуваме. На еден пациент во Солун веќе му е направена трансплантација на кожа на рацете, рече тој.
Информира дека во контакт се со фондација од Холандија која има банка на кожни графтови за да донесеме кожни графтови во Македонија за да се почне реконструктивната фаза.
Соопшти дека до овој момент имаме сместено пациенти надвор од земјата во 12 земји со потенцијал денеска да станат 14, а се сместени во преку 25 болници.
-Во Бугарија се сместени девет пациенти во „Пирогов“ во Софија. Во Воено медицинската академија во Варна се сместени три пациенти. Во болницата во Плодвив три пациенти. Во Грција во болница се сместени три пациенти. Во 424 воена болница во Солун се сместени два пациенти. Во 401 воена болница во Атина шест пациенти. Во 251 воена болница во Атина еден пациент.. Во Истанбул сместени се три пациенти и шест пациенти во „Бликент“ болницата во Анкара. Во Србија 17 пациенти во Клиничкиот центар Србија во Белград, во ВМА Белград се сместени 10 пациенти, во ВМА Ниш се сместени два пациенти и во Клиничкиот центар во Ниш сместен е еден пациент. . Во Словенија во двата универзитетски клинички центри во Љубљана се два пациенти и во Марибор два пациенти. Во Будимпешта се сместени шест пациенти,. Во Австрија во Универзитетската болница има два пациенти, а во Клиниката за пластична хирургија во Град има четири пациенти. Во Вилнус, Литванија има три пациенти и во Каонас еден пациент. Во Полска во Центарот за третман на изгореници во Лежна блиску до Лублин има два пациенти. Во Милано, Италија има два пациенти, во Маџоре палма еден пациент, во Чисанела пиза еден пациент. Во Белгија, во воената болница Астид два пациенти, во Антверпен еден пациент и во Лезвивас еден пациент. Во Хрватска, четири пациенти сместени во трауматолошката болница во Загреб и еден пациент во клиниката за детски болести. Можеби на оваа листа ќе се додадат Шведска и Шпанија, меѓутоа ќе имаме подетални информации наредните часови. Станува збор за воени институции и специјализирани институции со центри за изгореници, рече тој.
Клековски информриа дека околу 70 пациенти се уште се згрижени и ќе бидат третирани во македонските болници. И како што потенцира, за нив обезбедиле адекватна поддршка со воени лекари од Чешка и Израел кои имаат адекватно искуство со изгореници. Соопшти дека од Британија денеска ќе дојдат експерти кои ќе помагаат да се планира следната фаза на лекување на пациентите која ќе трае долго.
Директорот на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје, Синиша Стојановски соопшти дека во оваа болница функционирал Центар за изгореници кое било одделение комбинација од пластична хирургија и Центар за изгореници со капацитет од околу 20 кревети, каде што половина од леглата биле планирани за токму овој тип на изгореници затоа што, како што рече, по тогашни формациски стандарди на тогашната Армија секоја од воените болници морала да го има овој центар.
-Во моментов во Македонија имаме вкупно 64 пациенти во јавно здравствени установи. Во „Систина“ осум, во „Жан Митрев“ пет. Вкупно хоспитализирани се 77 од повредените. Она што радува е дека сегашните трансфери кои ги правиме не се во насока на пациенти кои се критични и интубирани, туку сега правиме тријажа на пациенти спрема степенот и опсегот на изгореници. Оние кои што имаат најголем процент и највисок степен на изгореници се трансферираат во референтни центри кои што се строго специјализирани за третман на ваков тип на повреди рече Стојановски.