Лидерот на Хутите повторно повикува на прекин на „саудиската агресија“
Лидерот на јеменските Хути, Абдул Малик ал-Хути, повторно повика на прекин на „саудиската агресија“ и укинување на блокадата на териториите контролирани од Хутите.
„Стопирајте ја агресијата и прекинете ја блокадата. Нашите барања ги претставуваат легитимните права на нашиот народ“, рече ал-Хути во телевизиско обраќање по повод годишнината од неговото преземање на власта во главниот град на Јемен, објави Си-би-ес Њуз.

Телевизиското обраќање беше одржано по повод годишнината од офанзивата на Хутите од септември 2014 година, кога членовите на оваа група се упатија од своето упориште на северот на Јемен кон главниот град Сана и ја презедоа контролата врз градот.
Преземањето на главниот град ја принуди меѓународно признатата јеменска влада на егзил во Саудиска Арабија и го ескалираше долготрајниот конфликт во земјата.
Следната година, Саудиска Арабија формираше мултинационална коалиција и се приклучи на војната со цел да ја врати моќта на соборената влада. Како дел од воената кампања, коалицијата воведе воздушна и морска блокада на териториите контролирани од Хутите, што продолжува да биде едно од клучните спорни прашања во конфликтот.






