Која е жената која почина откако ја турнаа од тераса во Охрид?
По дванаесет дена борба за живот, почина 39-годишната жена, која на осми март беше турната од тераса од третиот кат, од социјалната зграда во Охрид.
За настанот СВР Охрид поднесе кривични пријави против 32-годишно лице од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“ како и против 21 годишно лице исто така од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“.
Жената беше турната од терасата среде бел ден, околу 11.30 часот, а за расправијата која претходела на настанот, за ,,Фокус” сведочеа станари од зградите каде се одигра трагедијата.
Инсистираа да останат анонимни, бидејќи се плашеле за својата безбедност, и појаснуваат дека лицето во чиј стан се случи настанот, инаку 21-годишно момче, поодамна и било познато на полицијата.
-Тој беше во затвор поради дрога, неодамна се врати, и овде постојано доаѓаат сомнителни лица. Се плашиме јавно да излеземе, но сите сме потресени. Овде небезбедно се живее, има кражби, расправии, доаѓаат секакви луѓе, наркомани. Жената која беше фрлена од терасата не живее овде, појаснуваа соседите.
…