Кој е изненаден и навреден од амбасадорот Јан Коп

Настапот на јавна трибина на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп доби голем публицитет. Речиси немаше медиум што не ја пренесе и искоментира извонредната вивисекција на нашата балканштина и за одговорноста што Македонија не ги спроведува неопходните реформи, поради што не е членка на ЕУ, каде што можеше да биде пред повеќе години со многу помали отстапки.

Темата е уште актуелна и предмет на расправи и различни анализи и толкувања не само во медиумите, туку воопшто меѓу граѓаните, на социјалните мрежи, во кафулињата и рестораните, некои ги наслушнав и во автобусите и такси возила, додека тие на кои најмногу се упатени пораките се прилично воздржани во своите реакции, но притоа е јасно видлив перфидниот обид, пораките и оценките на амбасадорот да ги префрлат на друга адреса.

Всушност тоа е и најголемото изненадување што не го дочекаа јавниот настап на неговата екселенција со дрвја и камења што се меша во нашите внатрешните работи, што е вообичаен одговор на нашите храбри патриоти и заштитници на државниот суверенитет, на националната гордост и достоинство. За волја на вистината, имаше и некои реакции дека е големо изненадување жестокоста и острината и за недипломатскиот јазик на амбасадорот Коп и за тоа колку е виновна Европа за нашите неуспеси. Таквите обиди ми заличија на сатиричниот измислен балкански лик Сречко Шојиќ кој брилијантно го толкуваше актерот Милан Гутовиќ. Секогаш кога ќе ги откриеја неговите измами, Шојиќ како крунски доказ за неговата невиност ќе извика театрално: „ја сам изненаѓен и увреѓен“.

Вината е на тие што диктираат да нема промени

Тие што и порано ги слушнале изјавите на холандскиот амбасадор знаат дека овој дипломат добро разбрал и научил, кој јазик најдобро се разбира во Македонија. Тоа е токму тој јазик што го употреби на јавната трибина и тие оценки што ги искажа. Тоа го има направено повеќепати досега, но овојпат гласноста беше најголема, најверојатно поради актуелноста и големиот интерес во јавноста за разврската на едно долгогодишно домашно вето од неспособноста за остварување на најзначајните реформи за изградба на пристојно демократско и европско општество.

Резултатот е катастрофа, под диктат на силите на кои им одговара да нема никакви промени, извонредна позиција за висока корупција со мал ризик да бидат откриени, па дури тоа да се случи со уште помал ризик да завршат во затвор. Така дојдовме до држава во која крадењето е исплатлива инвестиција и ако се откријат крадците и осудат, на што и укажува амбасадорот, односно влијателната Холандија која не стави вето на почетокот на преговорите само поради продолжување на судските процеси за предметите на Специјалното обвинителство, кои завршуваат во правливите судски архиви да сведочат за ова зловреме ако не бидат фрлени и запалени на некое сметиште.

Амбасадорот беше повнимателен многу повеќе, отколку на јавните настапи, анализи, укажувања, текстови од наши јавни личности, политичари, медиуми и новинари искажани во изминатите 30 години, откако Македонија е членка на Обединетите нации, во врска со неопходноста од реформите и членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Сето тоа е јасно кажано милион пати и тоа со име и презиме на сите домашни носители на опструкциите и бројните блокади на промените и реформите за да се остварат најзначајните државни интереси. Разликата е во тоа што, кога тоа истото ќе го кажат нашите луѓе тоа е предавство на националните интереси, а кога ќе го кажат странски државници и дипломати најдобронамерно, тоа е дел од светската завера, или мешање во внтрешните работи, навреда и притисок. Изненадувањето е во тоа што овојпат амбасадорот Коп доби голем публицитет и силна поддршка.

Да повториме неколку поенти од искажувањето на амбасадорот кои јасно откриваат на кого се однесуваат неговите пораки кога вели:

„Сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ. Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји? Слушам дека Европската унија е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас нѐ оставате да ве чекаме премногу.”

„Ги сакате нашите пари, а не ги сакате европските вредности“.

По ова, дали се потребни специјални истраги на кого се однесува оваа кристално чиста прозивка за одговорноста. И на децата од повисоките оделенија во основните училишта нема да им биде тешко да погодат дека се однесува на сите без исклучок. Од средните училишта, учениците би откриле брзо дека покрај владите и пратениците, своја вина имаат и граѓаните кои ја даваат бланко довербата да се одлучува во нивно име. Тука би додале, голем дел од македонските таканаречени интелектуални и деловни елити и тие што врескаат за наводно изгубените идентитети, украденото минато и откорнатиот ни јазик, и тие што молчат и си ја гледаат демек својата работа, своето ќесе и конто.

 

Зошто не се направени реформите

Сосема друга работа е, кој е повеќе, а кој е помалку виновен. На тоа прашање треба сами да си одговориме, ако се види кој колку владеел и што направил во својот мандат. Без многу мудрување, по слово на законот и парламентарната демократија, најголемата одговорност е на тие што одлучуваат, владите и Собранието.

Во периодот кој го посочува амбасадорот Коп, во изминатите 15 години зошто не се направени реформите, на власт и во опозиција беа: ВМРО ДПМНЕ девет години, СДСМ шест години и ДУИ непрекинато на власт 15 години, односно откако е регистрирана повеќе од 20 години е коалиционен партнер на двете најголеми партии кога се на власт.

Амбасадорот веројатно има сознанија зошто тргнува баш од 2008 година. Таа година е испуштена една од големите шанси. Во последните шест години се направени, за првпат, неколку храбри исчекори што можеше да го отвори патот за спроведување на реформите со побрзо темпо и со помош на ЕУ. Тоа веднаш е прогласено за национално предавство и стана добар изговор за блокирање на реформите кои се нарекуват преговори со ЕУ.

Многу поточна бројка за неуспешните реформи и стратегиски грешки направени од нашите избраници да ја водат државата е во изминатите 30, или 25 години, откако сме кандидати за членство во ЕУ. Пред 30 години Македонија беше примена во ОН. Со привремената референца ПЈРМ (Поранешна Југословенска Република Македонија) и тоа само за надворешна употреба. Македонија без пречки, со согласност на Грција, според склучениот договор, со името ПЈРМ можеше да ги почне и да ги заврши успешно преговорите и реформите во период од десетина, или во најлош случај 15 години, без промена на уставот, со голема финансиска и искуствена поддршка на Брисел, и да биде веќе цели 15 години членка на ЕУ и на НАТО. Со добри изгледи од такви позиции на сојузништво и членство да се избрише и за надворешна употреба бесмислицата од додавки на непостоечка држава.

Во периодот на кандидатскиот статус се испуштени неколку добри шанси со што ќе се одбегнеа уставните промени и со Грција и со Бугарија.

 

Државните интереси се бранат и со вонредни мерки 

Како што бавно се одвиваа реформите, така и позициите на Македонија слабееја. Тоа државата ја соочуваше со сѐ потешки отстапки. Успешно спроведените реформи ќе ги направеа позициите на Македонија многу посилни во односите со ЕУ и со своите проблематични соседи.

Во изминатите 30 години, од 1993 по членството во ОН, двете најголеми партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ владеат приближно по 15 години со државата и ја носат и најголема одговорност. Истото се однесува и за периодот од прогласување на независноста пред 32 години кога двете најголеми партии се на власт по 16 години, ако се смета и експертската влада на Никола Кљусев од година дена.

Откако пак Македонија е кандидат за членство во ЕУ во изминатите 25 години, ВМРО ДПМНЕ е на власт 15 години од кои 11 години непрекинато и во тој период на владеење не се направени реформите што ги бара ЕУ во своите преговарачки поглавија. Тоа е ерата на „груевизмот“, најтешкиот период за евроатланските интерграции на Македонија. Тоа е време на страховлада и заробена држава, кога се испуштени најдобрите шанси и се урнати позициите на Македонија со налудничавата и баснословно скапа идеја за античката историја на Македонија, која прерасна во антикоманија.

Тоа е времето кога Македонија ги изгуби сите симпатии и поддршката што ја имаше во демократскиот свет.

СДСМ пак во изминатите 25 години е на власт 10 години, период во кој, исто така, не е направен некој поголем напредок во реализација на реформите. Меѓутоа, во последните неколку години се донесени одлуки кои доведоа до отпочнување на преговорите со ЕУ и голема можност за интензивно спроведување на реформите во кои се содржани сите клучни проблеми со кои се соочува Македонија, од владеење на правото и борбата со криминалот и високата корупција до екологијата.

Отстапките што се направени за постигнување на најзначајниот државен интерес- продолжување на преговорите и спроведување на реформите беа повод за најголемата злоупотреба од страна на опозицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Тие остапки се прикажани како губење на идентитетските посебности на Македонците и изложеност на асимилација до исчезнување на македонскиот народ.

Ваквото блокирање на преговорите е всушност велепредавство на националните и државни интереси. И во најдемократските држави, во вакви случаи на блокади на државните интереси и приоритети, ако не може да се решат по демократски пат, се преземаат вонредни мерки предвидени во уставот и законите.

(Дојче веле)

Ерол Ризаов

 

 

 

Back to top button
Close