Кој сакаше да игра шах како Орбан во својата партија?

Секоја земја е приказна за себе, секоја среќна партија која владее личи една друга, а секоја во опозiција е несреќна на свој начин. Да се послужиме со аналогија на првата реченица од „Ана Каренина“ на Толстој.

Катастрофата на Виктор Орбан на изборите во Унгарија и паѓањето од власт по 16 години сигурно ќе отвори концентрични кругови онака како што прави камен кога ќе го фрлите во вода. Заедно со концентричните кругови може да паѓаат и домина. Првото паднато домино се случи оваа недела во Полска, кај најважниот сојузник на Орбан во Европа, националистичката партија Право и правда (ПиС) на Јарослав Качињски. Таа спектакуларно се подели на два дела и развојот на настаните има подалекусежно европско значење отколку само драма на полската политичка сцена.

Полска е голема европска земја, осумгодишното владеење на владата на ПиС ја оддалечи државата од мејнстримот на европската политика, отуѓи голем дел од нејзините природни сојузници и ја бетонираше оската со Будимпешта и владата на Фидес. Во 2023 прво падна ПиС и на власт се врати класичната десница на разновидната коалицијата на чело со премиерот Доналд Туск. Се обнови сојузот наречен Вајмарски триаголник, гласот на Варшава во Брисел стана многу помоќен, иако дома Туск се бори да ги оствари предизборните ветувања. А тоа тешко му оди. Потоа дојде победата на Петер Маѓар во Унгарија на изборите во април годинава и се обнови демократска трансверзала. Првата посета на Маѓар откако стана премиер беше на Варшава.

Идната година во Полска ќе се одржат парламентарни избори. Никој не може да предвиди како ќе завршат тие. Граѓанската коалиција на Туск е во големо водство во анкетите, но нејзините коалициски партнери се паднати многу ниско. На десниот националистички спектар веќе нема една главна партија, ПиС на Качињски, туку три, двете уште подалеку во десните пространства. Од оваа недела ќе има уште една, на поранешниот премиер Матеуш Моравјецки. Собрани заедно тие имаат повеќе поддршка отколку владината коалиција на Туск.

Извидници и путерџии

Минатиот петок се случи она што со месеци висеше во воздухот во Полска: Партијата Право и правда, која управуваше со земјата помеѓу 2015 и 2023 година и моментално е најголемата партија во парламентот, се подели на два дела. Во рамките на ПиС, која е во најголема криза од своето основање, две фракции долго време се борат една против друга: „Извидниците“ предводени од поранешниот премиер Моравјецки претставуваат линија која е поумерена, технократска, компатибилна со ЕУ, додека „Путерџиите“ заземаат поцврста, понационалистичка, евроскептична линија. Во март, лидерот на партијата Јарослав Качињски конечно се одлучи во корист на вторите кога го номинираше поранешниот министер, радикалниот Пшемислав Чарнек за кандидат на партијата за премиер на изборите во 2027 година. Тоа беше удар за Моравјецки кој беше премиер од 2017 до 2023 година.

Иако фракциската борба во рамките на ПиС се интензивираше откако популарноста на ПиС падна на историски најниско ниво претходно оваа година, опозицијата во партијата е присутна долго време. За време на неговиот мандат како премиер, Моравјецки редовно беше напаѓан од сопственото десничарско крило.

Моравјецки во средата објави дека ќе формира своја парламентарна група со 40 пратеници и еден сенатор. По официјалното формирање, парламентарната група на Моравјецки би можела да стане трета најголема фракција во долниот дом на полскиот парламент, Сејмот.

Моравјецки рече дека неговата група останува подготвена да соработува со ПиС како „второ белодробно крило“ за поширокиот политички табор на партијата, но навести дека сегашното раководство се движи во поинаква насока. Реагирајќи на објавата на Моравјецки, лидерот на партијата Качињски рече дека поранешниот премиер го извршил однапред планираното разделување на партијата и покрај неговите напори да постигне договор. Качињски се надеваше дека некои членови ќе се предомислат, сакаше да им понуди места пред изборите, со цел да ја намами отцепената фракција назад во партијата.

Позицијата на Моравјецки, ослабена од прекумерното поместување на Право и правда кон крајната десница, стана неодржлива до летото. Качињски побара од пратениците да потпишат заклетва за лојалност. Моравјецки и неговите поддржувачи го одбија тоа.

„Неодамна бевме сведоци на многу чудни, сосема непотребни партиски игри. Сакаме да гледаме кон иднината и да се бориме за благосостојбата на Полјаците, за силна армија и силен културен идентитет на Полјаците. Не сакаме да се вклучуваме во партиски спорови. Два чекора напред, еден чекор назад, па обратно“, го опиша тој за порталот „Онет“ потегот на раководството на ПиС.

„Две белодробни крила“

Моравјецки, исто така, ја спомена аналогијата со „два белодробна крила“ што се слушаше многу во последниве денови. Според ова, двета белодробни крила на партијата се умереното и тврдокорното крило. Матеуш Моравјецки сакаше поголемо влијание во рамките на ПиС. Јарослав Качињски не сака да им даде поголема контрола на другите во партијата.

Со заминувањето на пратениците кај Моравјецки, фракцијата ПиС, која моментално има 186 членови, повеќе нема да биде најголема во долниот дом на парламентот, Сејмот. Покрај тоа, тие би можеле да изгубат три европратеници.

Во март порталот „Белешки од Полска“ објави дека неколку фактори работат против ПиС, од кои главниот е што внатрешните фракции на партијата се во војна едни со други. Качињски веќе се закани дека ќе ги суспендира проблематичните членови на партијата претходно оваа година.

Ришард Терлецки, поранешен лидер на фракцијата на ПиС, за Полсат изјави дека конфликтот во партијата се интензивирал од минатата есен, главно поради стилот на медиумските настапи и парламентарните дебати. Пролетва Право и Правда веќе заостануваше во анкетите за Граѓанската коалиција на Туск. Просечно за ПиС се определуваа 22 отсто од гласачите, а за партијата на Туск 31 отсто.

Во анкетите што ги разделија, непостоечката партија на Моравјецки, чија парламентарна група се вика „Развој плус“ веќе имаше 7,5 проценти на национално ниво, додека ПиС 16 проценти. Крајно десничарската Конфедерација се држи стабилно на 14 проценти, додека друга партија со слично име, Конфедерацијата на полската круна (ККП), која сака Христос да биде крал на Полска, се појавува со 11 проценти во анкетите.

Моравјецки главно го следеа умерените кои веруваат дека можат да ги освојат гласачите од центарот. Моравјецки не е либерал, тој даваше антиевропски изјави, но поранешниот премиер не е ни приближно толку радикален. Многу од оние што останаа во ПиС го сметаат Моравјецки за предавник, па дури и го нарекоа претерано прогермански, што е голема навреда за полската десница (од историски причини).

Друг проблем за ПиС и особено за Качињски е шефот на државата што партијата го изгради, Карол Навроцки, кој стана де факто главен центар на моќ на опозицијата со своите постојани вета и напади врз премиерот Доналд Туск. Додека претходниот шеф на државата, Анджеј Дуда, беше исмејуван како „перото на Качињски“ и машина за потпишување, независниот Навроцки е многу понезависен. Покрај тоа, 77-годишниот Качински повеќе не е толку енергичен како порано, а неговите здравствени проблеми се зголемуваат.

Еден од големите победници од сегашната поделба би можел да биде Навроцки, кој би дејствувал како еден вид кум на десницата. Навроцки би бил оној што некако би ги обединил двете конфедерациски партии и ПиС.

Можен ли е Фидес без Орбан?

Главното прашање е дали поделбата на партијата може да биде фатален удар за моќта на Качињски на десницата. Новинарот Михал Кокот од весникот „Газета виборча“ го поставува прашањето: „Може ли Фидес да преживее без Виктор Орбан?“. И одговара: „Истото може да му се случи и на Качињски, никој не може да ја замисли партијата без него“. Некои велат дека Качињски е премногу стар, но не сака да прави ништо друго, не сака да се пензионира, сака да остане по секоја цена, дури и ако неговата партија се подели. „Парите не се важни, само политичката моќ“, рече Кокот. ПиС може да ја изгуби својата моќ, но не и моќта на Качињски во партијата.

Виктор Орбан не беше подготвен за компромис во својата партија кога ситуацијата беше премногу опасна и ги турна настрана некои од умерените гласови. Качињски ја игра истата внатрешна шаховска игра, го тргна Моравјецки настрана кога се отвори кон радикалите – и сега ја плаќа цената за тоа.

Владејачката Граѓанска коалиција сега се забавува со агонијата на опозицијата. „Толку многу ја сакам ПиС што би сакал да има две“, се пошегува министерот за надворешни работи, Радослав Сикорски. Двајца пратеници од Граѓанската коалиција беа снимени во парламентот како јадат пуканки кога Моравјецки го објавуваше формирањето на парламентарната група „Развој плус“.

Премиерот Туск не е толку среќен поради оваа поделба. Во една анкета, комбинираната поддршка на десничарските партии не се намали по распадот на ПиС. Таа се зголеми, од 47,5 проценти на 47,9 проценти. Гласачите што го напуштаат Качињски се чини дека купуваат на друго место на десницата, а не преминуваат кај Туск. Во меѓувреме, сопствената коалиција на премиерот се распаѓа: од неговите владини партнери, само Левицата постојано е над прагот потребен за влез во парламентот.

Најверојатниот пат до опстанок на Туск е десницата да ги потроши сопствените гласови. Ако Моравјецки се кандидира независно и падне под прагот од 5 проценти, гласовите на неговите поддржувачи нема да освојат места.

Туск звучеше помалку весело од пратениците со пуканките. „Нема да плачам за Право и правда“, им рече тој на новинарите во понеделникот, „но сигурно нема што да се слави“.

Почеток со скара и Одисеј

Моравјецки го почна новиот политички проект синоќа, во петок навечер, со жешка летна скара во варшавскиот округ Прага со многу политичко црвено месо. Како што напиша новинарот на „Онет“, на прв поглед, атмосферата била идилична. Имаше колбаси, ќебапи и свински врат. Имаше пикадо и маса за пинг-понг. Матеуш Моравјецки одржа серија говори. Но, под превезот на позитивна енергија, имаше многу гнев и фрустрација. Беше насочен кон партијата Право и правда и Јарослав Качињски. Моравјецки во еден од говорите се поистовети со Одисеј, реферирајќи се на филмот на Кристофер Нолан.

„Се прашувам за што всушност станува збор во оваа приказна. Тоа е приказна за движење – за прифаќање предизвик. Таму секогаш може и треба да се очекуваат бури. Патувањето што го направи Одисеј е патување во непознатото – патување кон она што е најважно. Полн со гребени, ризици, сирени, но патување што е неопходност на нашите животи, што им дава смисла и насока на нашите животи. Ова е нешто што многу луѓе овде го делат – борбата за Полска што е горда, праведна, просперитетна и доволно силна за да се одбрани од овие ризици“, изјави Моравјецки.

Настанот беше наречен „скара на Моравјецки“. Меѓу гостите беа поранешниот светски шампион во шах Гари Каспаров и генералот Рајмунд Анджејчак, поранешен началник на полските вооружени сили.

Моравјецки го опишува „Развој плус“ како „организација на експерти и тинк-тенкови“, но нејзините политички амбиции стануваат појасни. Дали Моравјецки може да ја преобликува десницата во Полска останува неизвесно.

Отцепувањето на Моравјецки може да има мало долгорочно влијание врз Граѓанската коалиција. ПиС задржува многу лојален електорат, додека ентузијазмот околу Развој плус може да се покаже како привремен.

Реперкусиите веќе се транспонирани на европската политичка сцена. Матеуш Моравјецки поднесе оставка на местото претседател на групата Европски конзервативци и реформисти (во која е и Браќа на Италија на премиерката Џорџа Мелони). Ако заминат тројцата пратеници од групата таа може да го загуби предимството пред Патриотите на Европа. Плус, поделбата на националистите во толку силна партија не е добра вест за крајните десничари низ континентот. Лидерот на крајно десниот Национален собир во Франција, Џордан Бардела, неодамна беше во Полска да собира искуства токму од ПиС. Се виде и со Моравјецки. Неговите домаќини се поделија на два дела. Кон кој ќе се реферира тој, а и другите од европската крајна десница – кон технократот, поранешен банкар и премиер Матеуш Моравјецки или веќе подостарениот 77-годишен Јарослав Качињски?

Љупчо Поповски

Извор: dw.com/mk

Back to top button
Close