Коцевски: Се уште трае увидот во дискотеката, истрагата ќе биде брза и целосна

– Јавниот обвинител Љупчо Коцевски во првата изјава за медиумите по пожарот во Кочани изјави дека според првичните сознанија најверојатно пиротехничките средства го предизвикале пожарот во дискотеката во Кочани, но нагласи дека не може ништо повеќе да каже бидејќи се врши увид на лице место.

Тројца јавни обвинители вршат увид на местото на пожарот во Кочани и ги прибираат сите потребни докази.

Коцевски најави повеќе информации по завршување на увидот, ќе се издадат наредби и бидат сослушани повеќе лица.

– Можам да гарантирам дека истрагата ќе биде навистина целосна, брза. Ќе ангажираме вештаци од сите области така што ќе ги видиме причините и ќе видиме чија е одговорноста, рече Коцевски.

Обвинителот кажа дека во моментот јавните обвинители издаваат наредби во однос на одговорноста како хоризонтална, така и вертикална и евентуалните лица што можат да бидат инволвирани и да има одговорност во овој настан.

Коцевски не откри колку лица досега се приведени, посочувајќи дека во текот на денот и за тоа ќе биде информирано.

– Откако Јавното обвинителство е известено формиравме тим од петмина јавни обвинители, со тоа што двајца јавнио обвинители од ОЈО Скопје, еден јавен обвинител од ОЈО Штип и двајца јавни обвинители од ОЈО Кочани. Дел од обвинителитре се на терен, а другиот дел издаваат наредби за одредени процесни дејства, посочи обвинителот.

Коцевски изрази сочувство до семејствата на загинатите, до граѓаните на Кочани и до целиот македонски народ. – Се работи за голема трагедија, рече тој.

Во пожарот во дискотека во Кочани ноќеска загина 51 лице, а според досегашните информации, 118 се повредени. ев/бак/

Back to top button
Close