Кога ќе дојде моментот, ќе го кажам својот став дали ќе се кандидирам за претседател, вели Спасовски
Тоа не се отворени теми ниту, пак, теми за јавност, за тука. Тоа се партиски теми и кога ќе дојде моментот ќе го кажам својот став, изјави денеска министерот Спасовски одговарајќи на новинарски прашања

Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, прашањето за кандидат на СДСМ на претстојните избори за претседател на државата е партиска работа, а својот став ќе го каже кога ќе дојде моментот за тоа.
Спасовски денеска, при посетата на СВР Куманово, беше прашан дали ќе се кандидира за претседател на државата.
„Тоа не се отворени теми ниту, пак, теми за јавност, за тука. Тоа се партиски теми и кога ќе дојде моментот ќе го кажам својот став“одговори тој.
Името на Спасовски сè почесто во јавноста се спомнува како кандидат за шеф на државата. Извршниот одбор на СДСМ на вчерашната седница го задолжи генералниот секретар на партијата, Миле Зечевиќ, да го подготви роковникот за постапката, начинот и критериумите за избор на претседателски кандидат согласно статутот на партијата.
Претседателот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, пред вечерашниот состанок на Извршниот одбор на партијата рече дека сите политички партии имаат свои амбиции, но претседателскиот кандидат на изборите в година ќе биде од редовите на СДСМ, исто како што беше и на минатите избори.
Тој ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање дали неговата партија би поддржала претседателски кандидат од ДУИ, со оглед на вчерашната изјава на министерот Бујар Османи оти следната цел на ДУИ е претседател на државата зашто тоа е единствената функција која сè уште има етнички монопол.






