Кои сте бре вие политичари – Порцеланка, Велес

Почитувани читатели,

Денешната колумна ќе ја посветам на ,,Порцеланка”-Велес која од гигант стана авет. Причината е во политичките гарнитури и политиканството предводени од најсилните македонски политички партии во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Симболот на велешани, кои беа познати од дамнешни времиња по своето грнчарство, ја продолжија својата традиција после Втората светска војна, со производство на порцелан за домаќинствата и хотелиерските капацитети, како и sидни и подни плочки кои масивно се употребуваат како санитарија во градежништвото.
Стопанските политики на некогашната СФРЈ , ФНРЈ подразбираа секоја република има свое сопствено производство во сите индустриски области, почнувајќи од црна металургија, обоени метали, цементари, неметална индустрија, кои што подразбираа порцелан, плочки за градежништво, обработка на камен, мермер, травертин, хемиска индустрија, стакларска индустрија, кожарска, чевларска, текстилна и секако формирање на силни земјоделско-сточарски комбинати.
Токму со таков концепт во 1954 година се оформи ,,Порцеланка” во тогашен Титов Велес, под името ,,Борис Кидрич”.
Златните години фабриката ги бележеше во бившата Југославија, кога на глобално ниво ѝ беше загарантиран пласман на нејзиното производство во бившите ЈУ републики, како и во соседните држави Грција и Албанија.
Присуството на велешкиот порцелан кај западно-европските земји беше силно и субвенционирано.
Моите контакти со ,,Порцеланка”- Велес, започнаа во половината на 80-те години кога како делегат на Технометал-Вардар во Полска купував за Порцеланка- Велес, недекориран порцелан кој раководството на тогашната фабрика мошне успешно го продаваше на западниот пазар со додавање на еден многу мал, ама специфичен сегмент, а тоа е декорацијата, додавајќи печат дека производот е југословенски.
Мудрата политика на тогашното раководство умееше да го претвори клирингот во тврда валута, што за фабриката и вработените значеше просперитет и добробит.
После распадот на СФРЈ, ,,Порцеланка” се најде во многу тешка состојба, бидејќи бившиот ЈУ пазар беше комплетно затворен, а воедно со рушењето на Берлинскиот sид се сруши така-наречениот клиринг преку кој многу бивши ЈУ фирми правеа огромни добивки, меѓу кои и ,,Порцеланка”-Велес.
Годподинот Џалев, генералниот директор на ,,Порцеланка” во половината и крајот на 90-те години ме убедуваше да влезам како стратешки инвеститор во ,,Порцеланка”.Јас не бев спремен за таков чекор, а ниту во себе го имав искуството за водење на еден таков сериозен индустриски капацитет.
Влегов за да му помогнам на господинот Џалев со позајмици од цирка 2 милиона марки, меѓутоа фабриката и натаму пропаѓаше.
Во 2001 година Светска банка обезбеди средства за покривање на загубите и рестартирање на 20 индустриски капацитети, меѓу кои беше и ,,Порцеланка”. Тогаш четири милиони марки беа насочени во ,,Порцеланка” од кои 2 милиони марки беа моја сопственост. До денес немам видено ниту цент, а парите ги нема. Имено, во 2000 година, семејството Питичеви кои живеат и работат во Виена, решија да ја превземат ,,Порцеланка”. На средбата со тогашниот министер за економија Никола Груевски, јас ги поддржав и финансиски ги помогнав. После влегувањето на фирмата Ексклузива-Виена на семејството Питичеви, средствата од 4 милиони марки донација од Светска банка легнаа на сметката на ,,Порцеланка’ и од овие средства побарувањата ги плстија ЕСМ и Комерцијална банка. Побарувањата на ГОФИ СА-Кометал, од блиску 2 милиони марки, беа украдени од фирмата Ексклузива и со парите ја почнаа хајката против мене. Пласираа лага дека јас сум ја ограбил Порцеланка. Се отворија истражни постапки во Македонија и Австрија, но беа затворени во многу кус период, бидејќи за такви обвиненија немаа никакви докази.
Никогаш со ,,Порцеланка” не сум тргувал, ниту купувал, ниту продавал. Постоеше само концепт да му помогнам на господинот Џалев да ја спаси ,,Порцеланка”.
Господата Питичеви и нивната ,,Ексклузива” приграбија мои средства, кои требаше да ги добијам од ,,Порцеланка”, а до денес ми го немаат вратено долгот кон мене на средствата кои им ги позајмив при нивното влегување во ,,Порцеланка”.
Во 2003 година под силен притисок на синдикалецот Звонко Самарџиев бев убеден да се вратам во ,,Порцеланка”, да ја преземам и рестартирам. Тоа и го сторив. Ја откупив за 800 илјади евра и почнав со расчистувањето и реорганизирањето на производството во ,,Порцеланка”. Опремата и индустриските објекти кои ги наследив, беа во катастрофална состојба, бидејќи во последните 10 години со нив не се работело воопшто. За секој разумен човек јасно е дека опремата и капацитетите бараат одржување.
Влегов со нова инвестиција, со најнова технологија на производство на подни и sидни плочки, кои по квалитет беа врвни, согласно стандардите кои во тие моменти ги бараше градежната оператива. Сировините за производство на овие плочки беа вадени од рудници низ Македонија. Единствено глазурата беше елемент кој бараше набавка од Италија.
Го стартувавме новото производство во 2005 -та година со променето име ,,Керамика Нова”. Енергенсот во производството на плочките зафаќаше блиску 50% во цената на чинење. Новиот технолошки процес беше алтернативен за користење на енергенси, а тоа значи со природен гас или пропан-бутан. Гасификацијата во Македонија беше закочена, од за мене неразбирливи причини, така што моравме да користиме пропан-бутан кој го купувавме од рафинериите ОКТА, Панчево, од соседна Грција или Бугарија, транспортиран со цистерни.
Овој сегмент на енергентска зависност со високи трошоци за транспорт се покажа како клучен за опстанокот или пак за уништување на ова производство.
Во 2003 година при влегувањето во ,,Порцеланка” ми беше ветено дека гасификацијата во индустрискиот дел на Велес ќе биде реализиран до 2005 -та година. Сакам да објаснам што значи природниот гас или на пропан-бутанот во цената на чинење во производството на секоја единечна плочка. Пропан- бутанот во цената на чинење на секоја плочка учествуваше со 48%, додека со природниот гас, а според цените, кои важеа во тие времиња, ќе учествуваше со 28-30%.
До 2007 година и со вака високата цена на енергенс, бевме конкурентни на пазарот и остварувавме солидно производство.
Во 2007 година, светската криза која траеше цели три години, најсилно ја погоди градежната индустрија, а вклучително со тоа и санитариите кои влегуваат во оваа индустрија. Знаејќи дека за да опстанам во тие тешки моменти, кога пазарот е лимитиран и цените одат удолу, му предложив на тогашниот Премиер Никола Груевски јас да вложам сопствена инвестиција за носење на еден крак од гасификацијата која веќе беше стасана до Свети Николе, и кој ќе беше користен во целата индустриска зона во Велес.
Одговорот на тогашниот Министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски поддржан од неговиот премиер беше „зарем на Трифун ќе му правиме бизнис да печали”? Бев грубо одбиен, а денес последиците се евидентни.

,,Порцеланка” е минато, ,,Керамика Нова” е минато, сите загубивме, јас, велешани и Македонија.
И затоа на крајот, уште еднаш ќе прашам, кои сте бре вие политичари кои не умеете да си го чувате вашето стадо, кои не умеете да му пружите иднина, да опстои тука на сопственото огниште? Ни најмалку не ми е чудно што масовно си заминува младата, работоспособна и репродуктивна популација од Македонија. Ја убивте надежта во луѓето. Џенем фаќаат граѓаните на Република Македонија.
Почитувани читатели, за секој погоре напишан збор, доколку некој почувствува дека е клевета, го молам веднаш да отвори процес против мене. Ова е вистината која ја доживеав со ,,Порцеланка”- Велес.

Back to top button
Close