Колку ќе добие државата од „Иловица“? Новите правила носат поголеми приходи од рударството

Во услови на растечка глобална побарувачка за критични минерали, Македонија подготвува законски измени кои треба да обезбедат поголеми економски придобивки од експлоатацијата на природните ресурси. Целта е да се привлечат нови инвестиции, а истовремено да се зголемат приходите за државата и општините.

Проектите за ископ на бакар, меѓу кои и „Иловица“, се посочуваат како можност за комбинирање на економски развој, извоз и отворање нови работни места.

Инвеститорот истакна дека станува збор за повеќе од 340 милиони евра во буџетот, но засега е неизвесно колку повисоки ќе бидат давачките на годишно ниво кон државата и општините, со оглед на фактот дека цената на бакарот расте, а државата лани го усвои новиот тарифник. Претходно се проценуваше дека надоместокот годишно ќе изнесува околу четири милиони евра и претставува 6% од добивката на компанијата пред нејзиното оданочување. Секоја година беше најавено редовно дека ќе се исплаќаат и приближно по 24 милиони евра за законски давачки, даноци и такси во државниот буџет. Три милиони евра од таа вредност годишно беше предвидено да бидат внесени директно во буџетот на локалните општини што би придонело кон нивно зголемување за 40%, но сега се очекува бројките значително да се зголемат и државата многу повеќе да профитира.

Инаку, од ресорното Министерство истакнаа дека освен што концесиите поскапеле, наплатата двојно се зголемила и притоа се одземени и над педесет концесии. Според информациите, Министерството направило компаративна анализа, која покажала дека Македонија била убедливо најниска со цените во Европа и во регионот, па оттаму надоместоците биле зголемени за 100%. Сега, има и за 218% поголема наплата. Во 2024-тата година во буџетот се слеале 560 милиони денари, додека во 2025-тата година наплатата изнесува над една милијарда и двесте милиони денари.

Од Министерството исто така информираа дека веднаш постапуваат по пријави, за евентуални прекршоци и нелегална експлоатација. Биле констатирани повеќе видови на прекршоци. На пример, некои фирми не платиле концесиски надомест, додека други излегле надвор од полето на концесија.

Информациите следуваат откако беше усвоена и новата Фискална стратегија 2027-2031 година, која цели кон „подобрување на управувањето со природните ресурси и нивно рационално искористување“ и „воведување на најдобри современи достапни практики при искористувањето на минералните суровини преку истражување и експлоатација на минералните суровини“. Фискалната стратегија предвидува и индикатори според кои ќе мери дали се исполнуваат целите. Па така, посебни ставки се издадените концесии за детални геолошки истражувања и издадените концесии за експлоатација на минерални суровини. За пример, во 2024 година државата издала само една концесија за детални геолошки истражувања, а сега се очекува да издава по петнаесет годишно, во периодот од 2026 до 2030 година. За да се исполнат целите, ќе се издаваат и повеќе концесии за експлоатација на минерални суровини. Во целата 2024 година власта издала само седум вакви концесии, додека пак од сега до 2030 година се предвидуваат по дваесет концесии на годишно ниво.

Back to top button
Close