КОЛКУ МОЖЕШ ЌЕ СЕ СПАСИШ
Како ќе се испереме што ја донесовме неспособнава Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје? Така што ќе ги измалтретираме граѓаните за да мислат дека ние сме ги спасиле од Данела.
Е такво е однесувањето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Главниот град е заложник на идејата да нѐ спасат од нивната Данела. Ова сеирџиско гледање на власта како Скопје се задушува во ѓубре и сообраќаен хаос е да заборавиме дека тие ја устоличија како градоначалничка. И да заборавиме дека имаат мнозинство во Советот на Град Скопје и во повеќето скопски општини, а од неодамна и во сите државни институции. Во нивни раце е решението. Преку ноќ ли сфатија дека Скопје е пред колапс? Па две и пол години ВМРО-ДПМНЕ знае дека нивната кандидатка е непособна. И наместо Советот во кој имаат мнозинство да си го фати Градот во свои раце и да ги санира последиците од нејзината неспособност, тие ја оставија уште повеќе да тоне. Со тоа што ќе покажат дека е неспособна нема сами да дојдат автобусите, ниту пак Скопје ќе се исчисти.
Видете што убаво тоне, ама ние, од ВМРО-ДПМНЕ, ќе дојдеме и ќе ве спасиме со нашите идеи. А ние, граѓаните, сме колатерална штета во битката на владејачката коалиција и скопската градоначалничка. Нема потреба сега ВМРО-ДПМНЕ да се труди ни докажува дека Данела е неспособна кавгаџика. Се уверивме самите дека не ја бива. Тоа одамна го знаеме.
Впрочем, кој при чиста свест сега би гласал за Данела? Видовме на парламентарните избори, кога не стоеше ВМРО-ДПМНЕ зад неа дека освои само 3.500 гласа, од кои во Скопје нешто над 1.500. Повеќе телефонски броеви имам во мобилниот. Ама, па и кој би гласал за некого што намерно ги жртвува граѓаните? Вмровците ја оставија на наша сметка да го урнисува градот.
Вицепремиерот Александар Николоски рече дека „за жал, скопјани ќе мора да ги почекаат локалните избори за да се реши проблемот со јавниот градски превоз“.
А до идната есен, што правиме? Не умри магаре до зелена трева.
Значи, или веќе ги имаат пазарено автобусите и одма после локалните избори ќе ги појават на улиците, што не верувам, оти 250 автобуси не се купуваат во самопослуга. Или, знаат како ќе го решат проблемот со јавниот превоз во главниот град, ама не сакаат да ни кажат. Ќе чекаат скопјани пак да гласаат за нивниот кандидат, па ќе ни ја откријат тајната. И тоа ќе важи само ако градоначалникот пак не се скара со граѓаните. Ако не, ќе чекаме уште нови четири години, па пак ќе нѐ спасуваат. Со наши пари ќе ги поправаат нивните штети.
Е, сега, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ се љубители на нотарски изјави, не би било лошо за идните избори да го натераат нивниот кандидат, или кандидатка за градоначалник, како и за членови на Советот да потпишат дека нема да ги малтретираат граѓаните. И коалиционите партнери нека ги натераат да потпишат нотарски изјави, да не се правдаат после дека немаат мнозинство.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК