Колумбија воведува нов протокол: Полицијата добива овластувања за интервенција на универзитетските кампуси

Колумбискиот претседател Абелардо де ла Есприела соопшти дека полицијата ќе има овластување да влегува во универзитетите во земјата во случаи на насилство, вандализам или тероризам, нагласувајќи дека универзитетската автономија не е над јавниот ред – јави шпанската новинска агенција ЕФЕ.
„Универзитетската автономија не е над јавниот ред. Таа не подразбира независност во однос на јавниот ред, ниту ги претвора универзитетските кампуси во територии надвор од опфатот на Уставот, законот или легитимната државна власт“, изјави претседателот во обраќање објавено на социјалните мрежи.
Тој, исто така, најави воспоставување национален протокол за разграничување на мирните протести од активности што вклучуваат насилство, сериозни прекршувања на законот, опасност или сериозно нарушување на јавниот ред.
Во тој контекст, претседателот потврди дека ќе ги почитува и гарантира мирните протести што се одржуваат во рамките на Уставот и законите, но предупреди дека тероризмот, вандализмот, уништувањето инфраструктура и нападите врз безбедносните сили и цивилното население не можат да се сметаат за форми на протест.
Полицијата, додаде тој, ќе биде главниот оперативен орган за справување со ваквите случаи и ќе има овластувања да интервенира кога во универзитетите се подготвуваат акти на вандализам или тероризам.
„Нема да дозволам државните универзитети под никакви околности да продолжат да бидат засолниште за насилството“, изјави тој.
Де ла Есприела посочи дека мерката има цел да ги заштити студентите кои сакаат да студираат, да дебатираат и мирно да протестираат, но предупреди дека оние кои ги користат кампусите за планирање напади, складирање материјали за насилство или за напади врз граѓани и припадници на безбедносните сили ќе одговараат пред властите.
Претседателот заклучи дека универзитетите треба да бидат простори за знаење, идеи и дебата, а не да се претвораат во средишта на насилство или тероризам.






