Командант на руската паравоена група „Вагнер“ бара азил во Норвешка откако дезертирал

Поранешен командант на руската паравоена група „Вагнер“ побара азил во Норвешка откако дезертираше од платеничката група, пренесува Би – Би – Си.

Андреј Медведев (26) минатиот петок ја премина границата со Норвешка, каде што беше приведен од граничарите.

Тој во моментов е задржан во областа Осло каде што се соочува со обвинение за нелегален влез во Норвешка, изјави неговиот адвокат Бринјулф Риснес за Би-Би-Си.

Адвокатот Риснес рече дека неговиот клиент го напуштил „Вагнер“ откако бил сведок на воени злосторства во Украина.

Норвешката гранична служба потврди за Би-Би-Си дека еден Русин бил приведен откако ја преминал границата на земјата со Русија долга 198 километри (123 милји), но рече дека не може да коментира повеќе од „причини за безбедност и приватност“.

Тарјеи Сирма-Телефсен, началник на полицискиот штаб во норвешкиот регион Финмарк, изјави дека еден маж бил приведен од гранична патрола и рече дека поднел барање за азил.

Но, руската група за човекови права Gulagu.net, која му помогна на Медведев да ја напушти Русија, го потврди неговиот идентитет. Се верува дека неговото бегство е првиот познат случај на еден од војниците на групата што пребега на Запад.

Основачот на Гулагу.нет, Владимир Осечкин, изјави за Би-Би-Си дека Медведев и се придружил на паравоената група во јули 2022 година со четиримесечен договор, но дезертирал откако бил сведок на мноштво прекршувања на човековите права и воени злосторства додека служел во Украина.

Тој рече дека Медведев е поранешен војник во руската армија и дека подоцна одлежал затвор во периодот од 2017 до 2018 година пред да се приклучи на групата „Вагнер“.

Тој беше поставен на чело на дивизијата „Вагнер“ во Украина, каде што платеничката група го снабдуваше со околу 30-40 војници секоја недела, рече Осечкин.

Во видеото објавено од Gulagu.net на неговите канали на социјалните медиуми, Медведев рече дека побегнал од Украина во ноември откако бил информиран дека групата има намера да го продолжи неговиот договор на неодредено време.

Откако помина два месеци во илегала во Русија, минатата недела ја премина границата со Норвешка.

Неговиот адвокат рече дека неговиот клиент, исто така, бил сведок на мноштво воени злосторства додека се борел во Украина, вклучително и видел дека „дезертерите се егзекутирани“ од службата за внатрешна безбедност на „Вагнер“ групата.

„Накратко, тој се чувствуваше предаден и сакаше да замине што е можно поскоро“, рече Риснес.

Тој додаде дека верува оти г-дин Медведев однел со себе некои докази за воени злосторства во Норвешка и дека има намера да ги сподели своите информации со групите што ги истражуваат воените злосторства во наредните недели.

Во соопштението за печатот, основачот на „Вагнер“ групацијата, Евгениј Пригожин издаде саркастична изјава, поврзувајќи го Медведев со непостоечка нордиска платеничка единица и рече дека е норвешки државјанин, во очигледен обид да се потсмева со сведочењето на човекот.

Пригожин го обвини и за „малтретирање на затворениците“ и рече дека неговиот поранешен вработен е „многу опасен“. Адвокатот Риснес изјави за Би-Би-Си дека тврдењата на лидерот на „Вагнер“ не се точни.

Официјални претставници на Обединетото Кралство веруваат дека групата В„Вагнер“ сочинува околу 10% од руските сили во Украина и одигра значајна улога во помагањето на московските сили во нападите врз градот Соледар во источниот регион Донбас минатата недела.

Илјадници нејзини војници се регрутирани од руските затвори. Пригожин, и самиот поранешен осуденик, им вети на регрутите слобода во замена за шестмесечна служба како платеници на „Вагнер“ во Украина.

Пред инвазијата на Украина, таа имаше само неколку илјади платеници. Се веруваше дека повеќето се искусни поранешни војници, вклучително и некои од елитните руски полкови и специјалните сили.

Од 2015 година, се верува дека парамилитантната група „Вагнер“има распоредено војници во Сирија, Либија, Мали и Централноафриканската Република.

извор: Цивил

Back to top button
Close