КОМЕДИЈА НА ГРЕШКИ

Драмата што се отвори со сценариото за парастосот за 95 години од смртта на Мара Бунева во Скопје, па се разви со претепувањето на секретарот на охридскиот клуб именуван по бугарскиот цар од времето на фашистичката окупација на Македонија, треба да кулминира со роденденска прослава за Гоце Делчев. Комедија на грешки од 21 век како Шекспировата од пред 5 века.

Македонец со бугарски пасош натепал македонски државјанин со бугарска самосвест кој аплицирал за бугарско државјанство, ама уште го нема добиено. Притоа, според Охридското обвинителство, овој Македонец со бугарскиот пасош му рекол на оној што уште нема бугарски пасош „Како не ти е срам да се пишиш Бугарин“, а тој што веќе има бугарски пасош веќе се пишал Бугарин. Притоа, бугарската држава пушта владин авион да го евакуира во Софија македонскиот државјанин, сосе мајка му и бугарскиот амбасадор во Скопје, додека македонската полиција го бара бугарскиот државјанин.  И тоа кулминира со тридневна блокада на гробот на Гоце Делчев во Скопје, кој се родил пред 151 година. За американскиот претседател Бил Клинтон кога доаѓаше во 1999 среде бегалската криза со Косово, за папата Фрањо во 2018 немаше таква блокада на Скопје. За живи луѓе немало такво обезбедување колку за некој што умрел пред 120 години.

И оди сега снајди се во приказнава и објасни го сето ова во Брисел. И објасни им го на останатите 26 земји-членки на ЕУ. Со среќа објаснувањето. Бугарија нема потреба да објаснува оти тие се внатре. А ние додека се објасниме, нема да се блокира само гробот на Гоце, туку Софија уште повеќе ќе го блокира и патот кон ЕУ.  Така што – гуд најт и гуд лак со Брисел.

2Бугарските пратеници на последната седница пред распуштањето на Парламентот изгласаа  декларација за Македонија. Едногласно, со само еден глас воздржан. За две години пет пати на избори одат, Влада не можат да изгласаат, Румен Радев со руска рака им ги бира министрите, некои од нив можеби нема ни да бидат дел од идниот парламентарен состав, и од сите приоритети за државата, пратениците се нафатија најприоритетно да ја решаваат баш Македонија. Македонија – па бугарски избори.

Нека извини Брисел, нека извини и Софија, ама мери им го умот на бугарските пратеници.

Нека извини и официјално Скопје. И на нашава Влада мери ѝ го умот, ако и бугарските пратеници од распуштениот парламент ги сфаќа за маргиналци и сè уште не ја сфаќа сериозно намерата на Бугарија.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close