Комерцијална банка

По повод текстот објавен на порталот Либертас со претпоставка дека е официјален став на Комерцијална банка, бидејќи под текстот не постои ниту име ниту внатрешно тело (Управен oдбор или Надзорен oдбор) кое стои зад овој текст.
Го споделувам мојот став, без да навлегувам во деталната анализа дали станува збор за вистински став на раководните органи на Комерцијална банка или пак не.

Почитувани, вие си давате за право да го кршите законот на приватност, објавувајќи ги деталите на вашите клиенти. Ако не сте знаеле тоа е кривично дело, за кое нема да ве тужам, бидејќи имам намера во исти манир да ви одговорам.
Некои работи мора да бидат појаснети.


Во мојата приватна истрага за стечајот на Еуростандард банка, носам само заклучоци. Сѐ уште не сум во ситуација да обвинам, меѓутоа доколку се потврди дека нештата се онакви какви што мислам дека се, тогаш Комерцијална банка ќе ги преземе последиците за својот „грев“ околу стечајот на Еуростандард банка.
Да биде појаснето, пресот е свикан од нас, оштетените стопанственици од Македонија, од страна на системот на државата, за што веќе и формиравме здружение под името Кордон и објавуваме дека ќе бидеме многу присутни преку ова здружение, чија основна цел е справување со криминалите и системските неправди кои се случуваат во сите сфери од нашето живеење, а кои ги предизвикуваат поединци кои управуваат со државата и се на позиција на моќ, на овој или оној начин. Токму затоа, заради ваквиот фаличен општествен и политички систем, Македонија сѐ уште е заробена држава.
На самиот прес јас само споменав дека сите патишта водат кон Рим, а во овој случај сите патишта во однос на стечајот на Еуростандард банка водат кон Комерцијална банка. Не постои силата на ниту еден аргумент со кој некој може да ме убеди дека стечајот на Еуростандард банка не е организиран криминал!
На самиот прес, Комерцијална банка беше директно нападната од сопственикот на Кубус, Златко Тодоров и Војо Татабитовски – Артник кои укажаа со факти кои се несоборливи, дека нивните сметки и фирми редовно се злоупотребувани за трансфер на пари и кредити за одредени цели само за вас познати поединци, ама без согласност и знаење на сопствениците на овие сметки.
Бидејќи лично сум повикан од Комерцијална банка, ќе го дадам својот одговор, но и ќе поставам свои прашања.
Наведените кредити кои сум ги имал во Комерцијална банка во точка еден, точка два, од нивниот текст се коректни, со дополна дека Комерцијална банка секогаш имала квалитетни хипотеки од кои можела да си го наплати своето побарување. За овие две точки сме чисти.
Во точка три – тука има повеќе прашања. Факт е дека добивме 10 милиона евра кредит од Комерцијална банка за докапитализација на банката. Прашање: дали Управниот одбор на Комерцијална банка и неговиот Надзорен одбор се запознаени под какви услови го добивме овој кредит? Бидејќи целата процедура беше водена од Управниот одбор на Комерцијална банка, убеден сум дека Надзорниот одбор не бил информиран со деталите. Имено, при самите преговори за добивање на овој кредит, бевме уценети ние, акционерите на Еуростандард банка и моравме да потпишеме изјави во името на Еуростандард банка и како акционери во банката, сите до еден, дека нема да покренуваме никакви постапки пред надлежните органи за нелегалното користење на депозит од Еуростандард банка во Комерцијална банка од 3 милиона евра кој требаше да служи како гаранција за добиениот кредит за Гофи, чиј износ остана сѐ уште неисплатен од 7 милиони евра.
Да биде иронијата уште поголема, арогантно барање да потпишеме ваков документ беше во присуство на лице од Еуростандард банка, член од акционерите, членови на Управниот одбор на Комерционална банка и високи функционери од Народна банка.
Присуството на високи функционери од Народна банка значи аминување за криење на нелегални деанија во банкарскиот сектор. Знам дека и јас со овој чин направив кривично дело, ама имав цел да ја спасам банката. Но, сето ова е доказ дека рибата смрди од главата, дека моделите на однесување доаѓаат „од горе“.
Парите кои беа депонирани во Комерцијална банка без согласност на Надзорните одбори во Еуростандард банка и Комерцијална банка не смееа да се допрат. За жал тие пари веќе исчезнаа како депозит, од за мене непознати причини.
Ова е предмет со кој што треба да се позанимаваат службите во Народна банка и секако службите за гонење на организиран криминал при Министерството за внатрешни работи.
Со цел да се убедиме дали имало или немало соучество на Комерцијална банка во стечајот на Еуростандард банка, ние акционерите ангажиравме стручен тим кој делува во рамките на Европската Унија и убеден сум дека во кус период ќе се појави во Македонија да ги искаже заклучоците од девијантните појави на банкарството во Македонија.
А сега би поставил неколку прашања до Комерцијална банка:
Добиениот кредит на Гофи во време кога се отвори стечајот на Еуростандард банка, од 2 милиона евра, беше наша добра волја, да не повлечеме со нашето тонење и недолжни партнери, а во случајов клиент на Комерцијална банка. Учеството на Комерцијална банка, да ни го додели овој кредит беше кооперативно и доблесно, ама не беше доблесно што фирмата Прототип која е клиент на Комерцијална банка, ставена во депото на лоши пласмани на Еуростандард банка, со кој правен субјект Еуростандард банка никогаш немала соработка, беше редно да си го земат уште пред стечајот назад. На овој план господо од Комерцијална банка, паднавте, а како тоа можам да го толкувам, ако не како повод за создавање на уште полошо портфолио на Еуростандард банка
Да објаснам, никогаш во животот не сум бил уценуван, ниту пак ќе дозволам тоа да ми се случи.
За споменатите 7 милиони евра, долг на Гофи кон Комерцијална банка е факт дека не можеме да го сервисираме од повеќе причини, меѓу кои и одлуката на судот да ми го замрзнат имотот и ги повикувам да преминат кон извршување. Хипотеките за овој останат дел од кредитот се денес со пазарна вредност двојно повисока од споменатата сума на кредитот.
Затоа ги охрабрувам да тргнат кон извршување на своите побарувања.
За мојот личен успех или неуспех најмалку е меродавен да суди правниот субјект во името на Комерцијална банка, бидејќи повеќе од очигледно е дека нашите позиции се спротивставени.
Би сакал да се осврнам и на самиот вокабулар во вашиот текст. Вокабуларот кој го користите е во најмала рака непримерен за банка која за себе смета дека е лидер во банкарството во Република Македонија. Ме повикувате да се погледнам во огледало. Секојдневно се гледам во огледало, а одразот кој го согледувам во тоа огледало е лик кој има приказна на чесен човек кој не се плаши, бидејќи си ја знае својата специфична тежина и немам никаков криминален багаж.
Но, би запрашал: Господа, дали вие сте се виделе во огледало? Од еден прес го дигнавте вашиот одбранбен зид, кој само ја покажува вашата слабост. Старите велат „тој што си ја има мувата на капата, тој си ја ишка”. Во случајов тоа и се случи, ако сметате дека ме изненадивте со вашиот став објавен во етерот, верувајте дека тоа го очекував од вас, а да ме плашите тоа не доаѓа предвид.
Повторувам, ѝ се обраќам на јавноста со уверување дека од мојот пат нема да отстапам ниту милиметар, независно од тоа кој ќе се испречи на тој пат, ако Комерцијална банка е синоним на банка со сите можни награди, јас сум личност, граѓанин на Р. Македонија, со сите можни награди на државно и верско ниво. Но мојата најголема награда е мојата човечност и грижата за луѓето. Таа моја особеност ме облагородува, а нема поголема награда од чувството на благородност. Мојот кредибилитет во јавноста не е нарушен со ништо, а за вашиот…. ќе видиме.

Tрифун Костовски

Back to top button
Close