Комисијата за спречување и заштита од дискриминација влезе во бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација денеска изврши увид во просториите на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. Весна Бендевска – членка на Комисијата која го вршеше увидот, во изјава за медиумите кажа дека постапуваат по претставка за дискриминација, која ја поднело граѓанско здружение со оправдан интерес.

 

„Согласно наводите во претставката должни сме да ја сослушаме другата страна против која е поднесена претставката, да прибавиме документи. Дојдовме на увид кој е најавен пред една недела и извршивме увид на просториите на потенцијалниот дискриминатор, како што наведува поднесувачот на претставката“,кажа Бендевска и посочи дека Комисијата нема да прејудицира наводи, туку ќе го објави мислењето откако ќе заврши постапката.

Таа посочи дека имаат законска основа на ненајавени и најавени увиди, а ќе прибават документација и од други институции.

Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ свечено беше отворен на 16 април годинава, во присуство на висока делегација од Бугарија, предводена од тогашниот премиер Кирил Петков. Чинот предизвика остри реакции во јавноста, а отворањето беше проследено со протести во Битола. Два месеца подоцна, влезната врата на Клубот ја запали пејачот Ламбе Алабакоски, кој е осомничен за кривичното дело – предизвикување општа опасност.

Back to top button
Close