Конески е ноќна мора за нашите “Братя българи“

Ајде да се согласиме со авторите на бугарскиот Меморадум до членките на ЕУ дека кодификацијата на македонскиот литературен јазик била само мате-ријализација на зла замисла на комунистичката елита на еx-Југославија да се изгради „одделен небугарски идентитет“ врз „антибългарско основание.“ Да се согласиме, уште, дека македенскиот јазик е „акт на второстепена кодификација“ на една од шесте „пишани норми“ која се базира „врз бугарскиот литературен јазик“ и затоа „симулира природен процес основан на дијалекти.“

Очигледно, се мисли на западно-македонските говори, база на македонскиот литературен јазик, за кои зборува, веќе, во 1857 учениот архимандрит Партениј Зографски од Галичник, време кога Високата Порта ни не помислува да објави некој царски ферман за „самостоятелна българска црква.“ Да се согласиме, најпосле, и со тврдењето на авторите на предметниот Меморандум дека „официјалниот јазик кој се користи во Северна Македонија денес може да се смета само за пишана регионална норма.“ Иако, на авторот на овие редови му е исто толку јасно, колку и на авторите на тој Меморандум, дека, на тој начин, се прави строга, манихејска поделба на добра комунистичка елита на една, и на лоша на друга страна. Добра е онаа на бај Т. Живков која, во 1978 (100 години од Санстефанска Бугарија), ја смисли формулата „регионална норма“, а лоша е онаа на Ј. Б. Тито која сакала да создаде (и, дури, создала!) „одделен небугарски идентитет.“ Таа формула владата на г. Борисов ја презема од добрата комунистичка елита на Бугарија, а ја презема затоа што има „неразрушим“ континуитет меѓу сегашниот либерален национализам на г. Борисов и оној тоталитарен од времето на бај Живков.

„Кръвта вода вода не става,“ би додал на тоа покојниот поет Венко Марковски за кој, сè уште, не расправаат акад. Д. Георгиев и д-р Ангел Димитров. Можеби чека ред неговата „национална съзнателност.“ Останува, откако ќе се согласиме со сето тоа, да најдеме добар одговор на прашањето: дали, таа комунистичка елита на Тито, му ја диктирала в перо книгата за „Македонцките работи“ (1903) на Крсте Петков Мисирков кој, уште во својот предговор кон таа книга, вели: „јас ја написаф на централното македонско наречје, које за мене от сега на тамо имат да бидит литературен македонцки јазик.“ Мисирков вели за себе дека бил само „последувач на идејата за полно отдељјање на нашите интерсеси“ од интересите “на Балканциките народи.“ Ако, комунистичката елита на Тито (не постои во 1903!), му ја диктирала в перо таа книга на Мисирков, дали не го правела тоа на своја штета кога му ја „внушила“ идејата за „полно отдељјање:“ значи и од Бугари, и од Срби, и од Грци? Како што е добро познато, таа книга на Мисирков беше веднаш спалена од тогашната бугарска влст, а нејзиниот автор дури и – „натепан“ (Конески). Иако спалена, по сè изгледа, нејзиниот дух преживеал. Непобитен доказ за тоа дека тој дух преживеал е една обемна критика на еден славист од голем формат каков што бил Александар Т.-Балан (1859-1959), автор на две граматики на модерниот бугарски јазик. За да покаже дека не било ништо ново Бугари да се срамат од нивното нацонално име (и затоа, како Мисирков, се нарекувале Македонци!), тој се повикува на следниов аргумент: „не е голема реткост и сега [во 1904] уште да се чуе Бугарин како одговора во судот на прашањето на својата нацоналност дека е ‘христијанин’;“ „бидејќи Грците до титулираа тој селанец со ‘дебелоглав Бугарин’, неговиот брат од градот љубеше да се наречува ‘Елин’, за да не трпи презир под своето вистинско, национално име,“ поентира знаменитиот бугарски славист А.Т.-Балан. Нема да наведувам тука детали за тоа каков е угледет на Конески меѓу многу германски, полски, чешки, руски итн. слависти, кои тврдат дека неговата Граматика, Историја и Историска фонологија на македонскиот јазик биле не само напишани според најстроги стандарди на модерната наука за јазикот, туку и – „оригинални.“

Секој што сака да дознае нешто повеќе за тоа, може да ја побара малата, но прегледна книга на проф. д-р Љ. Спасов „Значењето на граматиката на Хорас Г. Лант за афирмацијата на македонскиот јазик“ (2003) Кога сме кај тој Хорас Лант, има место да се потсети тука дека интересот за македонскиот јазик се јавил кај него некаде во 1944; дека слушал предавања потоа, за тој јазик, во Прага кај А. Фринта; дека ракописот на првата граматика на македонскиот литературен јазик (на англиски) ја прегледале Р.О.Јакобсон, К. Н. Сконефелд и други, но и Конески кој „го прегледувал не само печатениот материјал, туку и примерите.“ (Спасов,.стр. 5.) Сега “става въпрос:“ дали и на тој американски славист му ја диктирала, в перо, граматиката на македонскиот јазик комунистичката елита на Ј. Б. Тито? Дали таа елита го натерала, уште во 1944, да се интересира за македонскиот јазик? За да не должам многу, ќе потсетам уште на следново: авторите на сегашниот Меморандум на бугарската влада бегаат од името Конески како ѓаволот од темјан. Но затоа не пропуштаат да и дадат макар и најмала оддишка на својата огорченост од тоа што многу знаменити лингвисти во светот пишуваат за него не само со почит, туку и со тон на видна егзалтација. Ете и зошто сегаш-,ните бугарски меморандиссти велат (со езоповски јазик, „разбира се!“) дека јазичката наука на Канески не само што не е „оригинална“, туку таа се угледувала на лингвистиката на акд. Љубомир Андрејчин. Или, со други зборови, таа била некој вид – плагијат. Ни за тоа нема да наведувам детали. Ќе кажам само дека тој „езопски јазик“ е јазикот на злоба и завист; дека Конески е ноќна мора не само за бугарските „јазиковеди“, туку и за меморандистите на г. Б. Борисов.

Атанас Вангелов

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close