Држава на стаклени нозе -Додека ни заминуваат легенди, Македонија ја јадат партиски апетити
Трифун Костовски
Денес, љубителите на македонската забавна музика тагуваат поради раното заминување на Владо Јаневски, сестран уметник, кантавтор, текстописец, пејач и еден од најавтентичните македонски музички автори.

Преку песните на Владо Јаневски многумина од нас ја зајакнаа љубовта кон татковината. Тој не пееше за Македонија како празна парола, туку како чувство, како спомен, како болка и припадност. Владо ќе остане запаметен како човек кој со својата музичка кариера остави трага во колективната меморија и душата на народот.
Но, токму кога се простуваме од човекот кој ја славеше Македонија, пред очите ни излегува уште една срамна вистина. Додека Владо Јаневски за Македонија пееше со љубов, политиката ја троши Македонија без срам.
Актуелната влада најавува реконструкција. Јавноста и обичните граѓани повторно се сведени само на неми сведоци помеѓу партиските договори. Темата на договорите е една,а позадината е чист интерес. Препукувањата се: која партија на кое министерство, кој ќе седне во која фотелја и кој ќе ги контролира ресорсите. Најмалку се зборува за одговорноста на оние коишто досега ја водеа државата и за квалитетот на оние што ќе дојдат на нивното место. Реконструкцијата на Владата не смее да се сведе на поделба на фотелји, туку на пресметка со неодговорноста.
Во ниту еден момент не може да видиме сериозна намера за намалување на владиниот буџет, за кратење на непродуктивните трошоци или за создавање поефикасна држава. Напротив, повторно гледаме борба за позиции, влијание и партиска моќ, без јасни показатели дека новите функционери ќе бидат подобро обучени, поодговорни, почесни и со вистинска визија за доброто на граѓаните.
Очигледно е дека партиите на власт најчесто работат за теснопартиски интереси. Не е случајно што Македонија, со кревка економија и ограничен буџет, создава влада со многу министерски и вицепремиерски места. Не може држава со кревка економија да гради најскапа политичка архитектура!
Истовремено, во јавноста одекнува информацијата дека ќе се прави ребаланс на буџетот, за дополнителни 250 до 300 милиони евра. За секој сериозен граѓанин кој ја следи макроекономската состојба, животниот стандард и реалната моќ на народот, јасно е дека ваквиот начин на водење држава е фарса што еден ден сите скапо ќе ја платиме.
Реалната слика во Македонија е тажна. Државата не гради сопствена економска иднина. Ако слободните индустриски зони учествуваат со огромен дел во БДП и со речиси половина од извозот, тогаш е јасно дека домашното стопанство не е доволно силно, не е доволно развиено и не е поставено како темел на националната иднина.
Македонија не смее да биде држава што живее од туѓи фабрики, туѓи инвестиции, туѓи интереси и туѓа милост. Македонија мора да создава сопствен производ, сопствен капитал, сопствени компании и сопствена индустриска визија. Младата, работоспособна и репродуктивна популација заминува од земјата, не затоа што не ја сака Македонија, туку затоа што Македонија, заробена од партиите, не им нуди иднина. Ниту една влада во изминатите децении не понуди сериозен проект што ќе ги убеди младите дека нивното место е тука, дома, во сопствената татковина.
Младите не бегаат само поради ниските плати. Тие бегаат од неправди, партизација, неизвесност, корупција, непочитување на знаењето и чувство дека без партиска книшка не можеш да напредуваш. Тоа е најголемиот пораз на сите влади во изминатите 35 години.
Денес, во Македонија живеат сè помалку млади луѓе. Бројот на пензионери е огромен товар за слабата економска основа. Пензискиот систем е под сериозен притисок. Ако државниот буџет мора постојано да покрива голем дел од обврските за исплата на пензиите, тоа значи дека имаме нефункционален систем кој долгорочно не може сам да обезбеди стабилноста на пензионерите.
При слаба економија, растечки буџетски потреби и зголемен надворешен долг, државата влегува во опасен круг. Се задолжуваме за да покриваме тековни трошоци, наместо да инвестираме во производство, знаење, технологија, енергетика, земјоделство и индустрија.
Досегашните влади на Република Македонија не покажаа доволно скромност при трошењето на јавните пари. Се создаваат нови министерства, нови вицепремиерски функции, нови кабинети и нови административни трошоци, не затоа што тоа го бара функционалноста на државата, туку затоа што тоа го бара партиската математика. Секоја министерска и вицепремиерска функција носи дополнителни трошоци: кабинети, советници, тимови, возила, репрезентации, патувања, дневници и разни привилегии. Додека макединскиот граѓанин брои денари до крајот на месецот, политиката брои функции.
Се прашувам: дали конечно ќе се разбудиме? Дали ќе разбереме дека иднината на граѓаните на нашата татковина стои на стаклени нозе?
Без силно стопанство и висок животен стандард, Македонија не може да гради иднина. Само економски стабилна држава може да биде почитувана од соседите, од Европската Унија и од светот. Само народ што живее достоинствено може да биде отпорен на уцени, пропаганди и манипулации.
Бедниот човек е најлесна мета за поткуп, пропаганда и туѓи агенди. Затоа во Македонија постојано растат поделбите, омраза и туѓите влијанија. Наместо граѓани што се чувствуваат сигурно во сопствената држава, системот продуцира луѓе што се групират во албанофили, србофили, гркофили, бугарофили и други туѓи политички сенки.
Тоа не е патриотизам. Тоа е последица на сиромаштија, страв и изгубена доверба во сопствената држава.
Не случајно Балканот во очите на светот често се доживува како „буре барут“. Таму каде што има сиромаштија, неправда, корупција и слаби институции, секогаш има простор за туѓи интереси и домашни поделби. Секогаш има услови за искра во бурето со барут.
Дали ќе се разбудиме од ова проклетство, зависи исклучиво од нас, граѓаните на Македонија. Светот бара партнерство со взаемен интерес и респект. Светот бега од држави што постојано бараат милостина.
Македонија нема да ја спасат нови министерства, нови вицепремиери и нови партиски договори, туку нов општествен договор: помала и поодговорна власт, силно домашно стопанство, заштита на младите, функционален пензиски систем и држава што не бара милостина, туку гради достоинство.
Тоа е суштината. Или ќе изградиме држава што произведува, задржува млади луѓе и создава достоинствен живот, или ќе останеме држава што ги испраќа своите деца во туѓина, ги оплакува своите легенди и се теши со празни политички говори.
Македонија нема повеќе време за партиски игри. Македонија има потреба од држава.
Нека им е светол патот на нашите легенди, да ги испратиме достоинствено…






