Призма- Како телефон со крипто на осуденик исчезна во судските лавиринти

Необична судска одлука, заменет уред и неовластен пристап до крипто

Кога Панче Илиев од Струмица е осуден за убиство, судијата одлучува двата одземени телефони од обвинетиот, од кои, на едниот има криптопаричник, а на другиот апликација за копање крипто, и натаму да останат во судот, иако тоа не е вообичаена пракса.

Кога по многу перипетии, уредите се враќаат, излегува дека судот вратил друг телефон наместо телефонот со криптопаричник. Додека уредот бил во судот, апликација за копање крипто на другиот телефон регистрира бришење на корисничкиот налог.

БИРН открива случај, кој почнува со невообичаена судска одлука, а продолжува со сомнежи за злоупотреби и бавнa предистрагa. Овoј случај го отвора прашањето како се чуваат доказите во судовите, полицијата и во обвинителството и за тоа колку тие се безбедни.

Судијата одлучил да не одлучи

Влезот на струмичкиот суд | Фото: БИРН, 2026

Во јануари 2023 година, Илиев извршува убиство и за тоа е осуден на 12 години затвор.

Струмичкиот судија Борис Бержецки, кога ја донел пресудата во јуни истата година, го оставил да „лебди“ прашањето за одземените предмети во постапката, меѓу кои и два телефони на Илиев. Во пресудата напишал дека за нив нема да одлучува, ниту трајно да ги одземе, ниту да му ги врати на осуденикот, бидејќи дознал од скопското обвинителство дека против oбвинетиот се води уште една постапка за друг предмет.

Но, не станува збор за обични телефони. На едниот од нив се наоѓа криптопаричник, дигитална апликација на која се чуваат и управуваат криптовалути, чија вредност на пазарите варира, па зависно од периодот, може да достигне стотици илјади евра.

БИРН не може независно да утврди колку валути имало на криптопаричникот во моментот кога телефонот бил одземен, но имаше увид во фотографии и во видеа направени претходно, кои покажуваат дека на криптопаричникот имало биткоини и етериуми.

Партнерката на тогаш 25-годишниот Илиев, Христина Мучева тврди дека на денот кога полицајците го одзеле телефонот, на криптопаричникот имало 46,29 етериуми и 0,98 биткоини, кои денес вредат над сто илјади евра.

Според Мучева, кога судијата ја објавил пресудата, рекол дека телефоните ќе бидат вратени, но во самата пресуда напишал дека за тоа прашање нема да одлучи.

Судијата Бержецки, кој сега е во пензија, не се сеќава на детали, затоа што, како што рече, поминале речиси три години оттогаш. Но, го знаеше случајот. „Сметав дека предметот не е завршен во ОЈО Скопје и дека можеби тие предмети ќе им потребаат.“ Поранешниот судија тврди дека подоцна дознал дека на телефоните има криптопаричник. „Немав јас контакти со телефонот, не го ни знам телефонот“, вели Бержецки за БИРН.

Од скопското обвинителство, пак, каде што се води другиот предмет за Илиев, ни одговорија дека побарале информација од струмичкиот суд дали обвинетиот претходно бил казнуван и осудуван, а не да ги задржи телефоните.

Целиот текст на сторијата на Маглешов на ПРИЗМА.МК

Back to top button
Close