Контраспин: Ако е историски ден почетокот на „Гостивар – Букојчани“, што е тогаш негласањето за законот што го овозможи тоа?
Изјавата на Николоски за историскиот ден каков што немало 50 години, иако е вистина и изречена искрено, таа е сепак пример на политичка недоследност и спин за односот на партијата кога проектот започнувал. Веројатно, само зашто бил инициран од друг
Пишува Теофил Блажевски
Во изјава во врска со почетокот на градбата на дел од Коридор 8 што ја даде министерот за транспорт Александар Николоски може да се препознаат елементи на недоследност и спин:
Спин: Навистина мислам дека имаме историски ден. Се работи за почетокот на автопатска делница од Гостивар до Букојчани и Кичево нешто за што се зборува преку 50 години, практично решавање на најтешкиот дел од она што треба да е автопат Скопје – Кичево – Струга – Охрид, коридорот 8 познатата Стража. Така што, првпат по 50 години почнуваат реални работи за изградба на овој автопат којшто ќе значи дека помеѓу главниот град на нашата држава и Охрид и Струга ќе се патува за некаде час и двесет минути, час и половина. Целосно ќе го промени ова функционирање на економијата, но исто така ќе го промени и туризмот, а ќе се забрза и економскиот раст…
[Извор: Министерство за транспорт/А. Николовски: датум – 28.10.2024
Контраспин: Не е баш најјасно како министерот за транспорт Николоски дојде до бројката од 50 години пасивност, но ако се изземе тоа, другиот дел од изјавата е целосно точен. Таа сепак, содржи елементи на недоследност и всушност е спин, кој ја разоткрива кусогледоста или можеби и себичноста на партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ околу овој проект во блиското минато.
Значи не е спорна изјавата за значењето на овој патен правец. Уште повеќе, целосно е точно дека по изградбата на многу подобро ќе се изменат и бројките во туризмот и севкупно бројките што го мерат економскиот раст. Впрочем, за јавноста не е спорна ниту изградбата, ниту радоста што на вчерашниот настан ја покажа и Николоски и премиерот Христијан Мицкоски.
Таа, се разбира е и искрена, како што би се радувал секој функционер на извршната власт во дадениот момент, а ќе биде уште поголема кога Мицкоски и Владата (заедно со два милиона граѓани на земјава) ќе го отсонуваат сонот за остварена и заокружена раскрсница на Коридорите 8 и 10 и по асфалт и по железница и по енергетска инфраструктура( „..Нашата земја да биде држава домаќин на три раскрсници. А тоа е раскрсница транспортна, железничка и енергетска. Тоа е нашиот сон. Тоа е мојот личен сон и ќе сторам сѐ како претседател на Владата да стане и реалност“, изјави Мицкоски).
Иако ништо од ова не е спорно, овој дел од изјавата на Николоски е со елементи на недоследност и спин од аспект на тоа што во минатото го правеше и тој и неговата партија. Зашто, до последните денови во опозиција па и во првите денови од власта, ВМРО ДПМНЕ го означуваше како штетен договор, кој за жал ќе мора да се продолжи за да не плаќаат граѓаните на земјата огромни милионски суми за отштета доколку партијата го раскине договорот.
Договорот можеби е штетен, како што тврдеше тогаш опозициската партија, но кој тоа ќе го знае, бидејќи и покрај ветувањето дека ќе го отворат за јавноста кога ќе дојдат на власт, тој остана затворен како дел од т.н NDA (Non-disclosure Agreements) или договори за неоткривање/необелоденување, во кои пак, посебно етичко прашање е таков договор потпишан од приватна компанија со јавен сектор. Дополнително, Јавното обвинителство и покрај завршената истрага од ДКСК цело време од 2021 до 2023 година, сè уште не излегло од фазата на предистрагата, отворена „по допрен глас“ од пред две години.
Неисе, автопатските делници од Коридорот 8 и 10 Д почнаа да се градат, а факт е дека партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ како опозиција беше против во сите фази од реализацијата на овој проект. До моментот, како што рече Мицкоски, кога нашле разбирање во преговорите што започнале уште на самитот на НАТО во Вашингтон, па сега може сите заедно да го сонуваме сонот за македонската раскрсница на автопати, железница и енергетска инфраструктура.
Не е вреден ни за гласање
Сепак, кога во не така далечната 2021 година, тогашната коалициска влада на СДСМ и ДУИ прво реши да се откаже од парите од ИПА 3 за Коридорот 8 и 10 Д, а потоа да потпишат и Меморандум за разбирање со „Бехтел и Енка“ за овој проект, во јули истата година беше донесен Закон за утврдување на Јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10 Д.
Пратениците на 15 јули го донесоа законот. На седницата беа присутни 101 пратеник, за законот гласаа 55. Немаше воздржани, ниту против. ВМРО-ДПМНЕ одлучи воопшто да не гласа, пишува во текстот на БИРН од 2023, кој е анализа на настаните од 2021 до 2023 во март кога беше потпишан и Договорот со Бехтел и Енка.
Така, она што денес е остварување на сонот, историски ден по 50 години и слично, кога започна како идеја во 2021 г. за ВМРО-ДПМНЕ, не беше вредно ни да се гласа во Собранието.
Затоа и оценката од почетокот на текстот. Изјавата на Николоски иако е вистина, таа е пример на политичка недоследност и спин за односот на партијата кога проектот започнувал. Веројатно, само зашто бил инициран од друг.(Вистиномер)