Корумпираните умови сите ќе не запалат!

Денко Малески

Веднаш по вселувањето во 1984 година, некој ги украл цревата од противпожарните метални сандачиња на секој од петте спрата на мојата зграда на „Орце Николов“. Низ годините, еве веќе 40 , сите обиди да се поправи состојбата беа неуспешни – ги бојкотираа самите станари. Тоа се случуваше и кога во минатото беше потребна согласност од сите за се што би се направило во влезот и сега кога е потребна согласност од мнозинството. Пред некаде година дена, покренав иницијатива кај станбениот управител да побара фирма-изведувач која ќе постави нова противпожарна опрема по скалите.

Воопшто не ми беше тешко на сабајле да му ја отварам на мајсторот долната врата и со него да одам од еден до друг хидрант во проверка на доводот за вода.Пресушените цевки добија вода. Потоа следеше понудата која изнесуваше некаде околу 3000 денари по стан.За таа сума станарите добија безбедност на послужавник.

Но, мојата иницијатива да се заштитиме од пожар пропадна, а трудот ми отиде во ветер. Се разбира дека бев лут но морав да проголтам уште еден залак од нашиот познат македонски егоизам, вистинскиот збор за праксата луѓето да не ги интересира ништо вон од нивниот куќен праг. Пресилни зборови? Ни најмалку. Барајќи ја дефиницијата за корумпиран ум, го наоѓам ова: корумпиран човечки ум е оној кој не се грижи за никој друг. Се разбира, загубив секаква желба за колективна акција, па „макар гореле сите“. Но, вчерашната трагедија во дискотеката во Кочани ме погоди и ме освести. Ми се појави старата грижа: Што ако избувне пожар во влезот а ние немаме опрема за гаснење.

Утрово му пратив меил на стамбениот управител со молба да ја продолжиме акцијата. Да се обидеме уште еднаш, после страотната случка во дискотеката, белким станарите нема и сега да работат против себе и своите животи, му напишав. Стамбениот управител ме побара на мобелен и ми рече дека ќе се ангажира за нова понуда, а потоа, повторно, мнозинството станари ќе треба да се согласат. Тоа е „законски“. И гледајте го сега парадоксот: наместо законот да ги обврзе станарите на функционални против-пожарни апарати, законот им дава право на корумпираните умови да саботираат. Па макар и самите изгореле во евентуален пожар? За секој разумен човек,збунувачко е ова поведение, но тоа е нивото на нашата безбедносна култура. Моите состанари сигурно не сакаат да изгорат во пожар ама не сакаат да мрднат со прст тоа да не се случи. Која е таа поразителна состојба на умот кај нашиот народ.

 

 

Back to top button
Close