„Кошница за домаќинствата“ во грчките супермаркети со 50 производи чии цени ќе треба да останат исти или да има минимални покачувања

Основни прехранбени продукти, производи за лична хигиена, средства за чистење, производи за бебиња и домашни миленици, според грчките медиуми, се дел од категориите вклучени во таканаречената „кошница за домаќинствата“ што ќе ја воведат супермаркетите во Грција и за конкретните производи ќе треба цените или да останат непроменети или да има минимално покачување, јави дописничката на МИА од Атина.

Поради инфлацијата, конкретната иницијатива на Министерството за развој и инвестиции на Грција беше договорена на минатонеделната средба на надлежниот министер со претставниците на големите супермаркети.

Не станува збор за замрзнување на цените, туку обид на супермаркетите, цените на производите неопходни за домаќинствата, да се задржат на што е можно пониско ниво и евентуалните зголемувања да бидат минимални.

Според грчките медиуми, „кошницата за домаќинствата“ содржи 31 категорија со 50 производи меѓу кои и: ориз, леб, макарони, свинско и пилешко месо, риба, млеко, јогурт, сирење и кашкавал, зејтин, шеќер, кафе, чај, какао, вода, сокови, средства за чистење, детергенти, тоалетна хартија, паста за заби, влошки, сапун, антисептик, пелени, храна за кучиња и мачки итн.

Back to top button
Close