Косовски медиуми: Алил Демири, осуден доживотно во случајот „Монструм“, е на слобода
Алил Демири, кој вчера беше уапсен од косовската полиција по меѓународна потерница, е ослободен, информира косовскиот портал „Сињали“.
Веста ја потврдил неговиот адвокат Бесник Бериша.
„По приложените докази од одбраната и појасните аргументи дадени на рочиштето на кое беше адресирано барањето на Обвинителството за определување мерка притвор, обвинителот кој го застапуваше предлогот се повлече од барањето. Алил Демири сега е на слобода“,
изјавил неговиот адвокат Бесник Бериша.
Адвокатот Бериша и вчера бил убеден дека притворот и апсењето на Демири се незаконски и дека претставуваат флагрантно кршење на неговите законски и уставни права.
Бериша синоќа изјавил дека Демири не може да биде екстрадиран во Северна Македонија бидејќи за барањето на македонските власти е одлучено и одбиено од косовскиот суд во двата случаи.
„Алил Демири е незаконски уапсен и задржан во притвор, врз основа на наредба на Интерпол за предмет кој веќе го води нашиот суд. Барањето на властите на РСМ за негова екстрадиција е веќе одлучено и одбиено од косовскиот суд во двете инстанци. Не може да биде екстрадиран во Северна Македонија и убеден сум дека утре ќе се врати кај семејството и пријателите“,
рекол вчера Бериша.
Како што информираше македонската полиција, Демири вчера бил уапсен во Косово врз основа на издадена меѓународна потерница за сторено кривично дело тероризам во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смилковското Езеро.