Костадиновски: Кога политиката сака послушен суд, тогаш има проблем со Уставот

Кога политиката сака послушен суд, тогаш има проблем со Уставот, а не со судиите – оценува претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, нагласувајќи дека токму „послушноста“ во минатото довела до „разнишана правна држава и недоверба кај граѓаните“, додека денешната „нервоза“ кај политичките структури е показател дека Судот излегол од компромисноста и си ја врши работата.

Во интервју за „Нова Македонија“ Костадиновски се осврнува на улогата и предизвиците на Уставниот суд во изминатите 62 години, оценувајќи дека институцијата не ги оправдала целосно очекувањата. Тој посочува дека имало периоди кога Судот бил „прекумерно компромисен со политиката“, па дури и „наликувал на подрачна единица на Владата“, но и периоди на вистинска независност.

– Одговорот на прашањето дали Уставниот суд успеал да ги оправда очекувањата е едноставен. Одговорот е не или, во најмала мера, не ги оправдал целосно очекувањата. За да се тврди тоа компаратор е состојбата со владеењето на правото и правната држава, како и историски најниската доверба на граѓаните во целокупниот државен апарат. Токму затоа од првиот ден како претседател на Судот преземам мерки и активности за нештата да бидат суштински променети – вели тој.

Според него, во последните две години се забележува промена – Судот е поактивен и поприсутен во јавноста, што, како што вели, создава „нервоза кај политиката и кај некои државни органи“.

– Тоа значи само едно, дека Судот излегол од летаргијата и дека добро си ја врши работата – истакнува Костадиновски.

Говорејќи за притисоците, Костадиновски потврдува дека тие постојат, но ги поврзува со „уставноправна и политичка некултура“.

Back to top button
Close