Крај на една куса љубовна романса

Ете, така: почетокот многу ветуваше, но и покрај агилноста на проводаџиите од наша страна, на крајот се покажа дека не ни било европски судено. Љубовната романса со Бугарија траеше кратко, едвај две-три години, кога „невестата“ реши да избега во очи на свадбата.

На обете страни имаше луѓе кои искрено се понадеваа дека ова е шанса за историско рестартирање на рутината на поодамна стереотипизираните меѓусебни релации. Но, потегот со ветото е толку радикален, што тој чин, самиот по себе, ќе стане нов историски меѓник од кој ќе се мери новото замрзнување на односите. Барем за сегашниве македонски генерации. Меѓунационално.

Што се однесува до меѓудржавните билатерални односи, тие ќе се тркалаат по веќе познати патеки: посредништва, фасилитатори, нови провокации, притисоци и убедувања, ќе се нуди на потпис и некој нов анекс или нон-пејпер што ќе треба експертски да се „цинцулира“, па нови избори таму или овде кога ништо нема да се случува… Неколку функционери од Брисел имаат ветувачка кариера пред себе за шетања наваму-натаму, ќе стигнуваат утешни европски изјави за охрабрување и ветувања за подобро утре, ќе има и такви со предупредувачки тонови за целиот регион, а и од некој европски мики-маус балкански фонд дополнително ќе се чепне… Европа ќе чека Американците да им ја завршат работата, а Американците ќе ги убедуваат Европејците „да пораснат“ и да ја преземат одговорност за сопствениот двор…

Повторно следуваат години на европска политичка шиацу лумбална „масажа“: Ај малце погоре, тука-тука, ај сеа подоле, посилно…

Сите неопходни анализи за последиците од ветото се веќе направени. Економските последици за Македонија ќе бидат непријатни, што само го засилува одиумот во јавноста кон Бугарија за недостаток на елементарна емпатија и солидарност во време на опасната епидемиска криза. Тешко дека од двете страни во догледно време ќе се најде нов ентузијазам за културна или научна соработка, бидејќи наместо тоа да влезе во нормалната добрососедска агенда за подобрување на односите, сега ќе се претвори во простачка дебата за „патриотизам“ или „национално предавство“. И во ограничените ресурси за инфраструктурни инвестиции, приоритетите – кои, колку-толку, „мрднаа“ од македонска страна, а од бугарска ни толку – сега поинаку ќе се определуваат.

Нема за што да се разговара ни на нови политички средби меѓу Скопје и Софија, бидејќи Бугарија стави спектакуларна точка на еден голем политички напор, со драматично нов пријателски вокабулар, што го понуди оваа македонска власт. Како „честитка“ од Софија, Заев доживеа разорен политички аперкат од Борисов, иако многу се вложи во негувањето на пријателството во тој однос. На пример, секоја идна средба на Бучковски во Софија овде ќе се третира како мал скандал, што само ќе дотура масло на распалениот оган и во надворешната и во внатрешната политика на земјава.

Ќе треба да ги причекаме изборите на крајот од март во Бугарија, но за сега е јасно дека националистичката реторика во Софија носи поени на поддршка на тамошната политичка сцена. Во ситуација кога нема промена на ниту една важна внатрешнополитичка варијабила во Бугарија (напротив, меѓу другото, ситуацијата со ковидот им е многу влошена), бугарското вето за Македонија ѝ донесе видлива поддршка во јавноста на владата на Борисов (и Каракачанов). Таа национал-популистичка реторика во Софија само ќе расте, поттикната и од „натпреварот“ со нивната опозиција. А, потоа, политичката „инерција“ таму на темата „Македонија“ ќе трае со години, како што веќе трае со децении, бидејќи, очигледно, нема ништо ново во врска со тоа во Софија од педесеттите години на минатиот век, наваму.

Целата колумна на Сашо Орданоски на „Цивил Медиа“ на следниот линк.

Back to top button
Close