Кремљ не го отфрла однапред планот на Шолц за мир во Украина, но чека детали
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека моментално не постојат реални предуслови за мирно решавање на конфликтот во Украина, но дека Москва не отфрла ниту еден план однапред, барем додека не ги добие деталите.
Коментирајќи ги наводите на одредени западни медиуми кои тврдат дека германскиот канцелар Олаф Шолц подготвува план за мирно разрешување на ситуацијата во Украина, Песков рече дека не знаеме какви се деталите. – Однапред не исклучуваме какви било планови, но треба да видиме за што се работи, изјави портпаролот на Кремљ.
Тој додаде дека според мислењето на Москва, се уште не се постигнати вистинските предуслови за решавање на конфликтот во Украина со мирни средства.
– Слушаме изјави од различни европски земји, но не гледаме изјави за тоа од земјата која го оркестрира целиот овој процес, оркестрирајќи го целиот колективен Запад, рече Песков.
Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера повика на обновување на напорите за постигнување мир во Украина, наведувајќи дека тој и украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна се договориле за потребата од одржување нова мировна конференција на која ќе учествува и Русија.
Зеленски во јули изјави дека има за цел да подготви план за одржување на втор меѓународен мировен самит за Украина до ноември, на кој треба да присуствуваат и претставници на Русија.
На глобалниот мировен самит за Украина, кој во јуни се одржа во Швајцарија, учествуваа делегации од 92 земји, без учество на Русија.