Кристијан Шмит поднесе оставка од функцијата висок претставник во БиХ

Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, поднесе оставка од таа позиција по речиси пет години на чело на Канцеларијата на високиот претставник, беше потврдено за Н1 Сараево.
Германскиот дипломат веќе го информирал Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот (PIC) за својата намера, од кој побарал да се започне постапката за избор на нов висок претставник.
Шмит ќе продолжи да ги извршува сите редовни должности со полн капацитет сè додека не заврши процесот на назначување на неговиот наследник
Кристијан Шмит моментално е во Њујорк, каде што поднесува редовен извештај до Советот за безбедност на ОН. Во својата анализа, тој остана доследен во посочувањето на сецесионистичките политики, блокирањето на институциите и обидите за поткопување на БиХ, нагласувајќи дека меѓународниот фактор останува на страната на граѓаните на Босна и Херцеговина.
Канцеларијата на високиот претставник постои од крајот на војната во Босна и Херцеговина. Неговата задача е да го следи повоениот поредок и да обезбеди почитување на Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши војната со посредство на САД.
На заминувањето на Шмит му претходеа барања од Република Српска тој да биде протеран од Босна и Херцеговина, со оглед на тоа што властите во тој ентитет го сметаат за нелегално избран.
Мандатот на Шмит е втор најдолг во историјата на висок претставник во Босна и Херцеговина. Тој беше избран на таа позиција на 27 мај 2021 година, но официјално ја презеде функцијата на 2 август истата година.
Златко Шумковски






