Мито за вработување, 149 илјади нерешени предмети и слабости во тендерите — што нотира „Транспаренси“ за септември?
Мито за посредување при вработување, десетици застарени судски предмети, 149.415 нерешени предмети во судовите и низа слабости во јавните набавки и институционалните системи се дел од случаите и наодите што „Транспаренси интернешнл – Македонија“ ги издвојува во септемврискиот „Барометар на корупцијата“.

Во категоријата „матни“ настани, организацијата го издвојува случајот со возач на висок владин функционер, кој според Обвинителството побарал 1.500 евра за да посредува за вработување како пожарникар во Град Скопје. На 4 септември тој бил затекнат при примопредавање на 500 евра, кои претходно биле обележани.
„Транспаренси“ го нотира и извештајот на Судскиот совет за работата на судовите во вториот квартал од 2026 година. Судовите периодот го започнале со 147.288 нерешени предмети, примиле уште 121.909, а решиле 119.782. На крајот на кварталот останале 149.415 нерешени предмети, при што како еден од клучните проблеми е посочен недостигот од судски службеници.
Во барометарот се посочува и дека во последните пет години застареле вкупно 70 судски предмети, при што „Транспаренси“ ги поврзува со измените на Кривичниот законик од 2023 година. Според статистиката на Кривичниот суд, во 2022 година застареле 16 предмети, во 2023 – 18, во 2024 – 26, во 2025 – 20, а во 2026 година досега шест предмети.
Државниот завод за ревизија, според „Транспаренси“, утврдил и слабости во системот за заштита и спасување, особено во стратешкото планирање, координацијата и управувањето со ресурсите. Ревизорите констатирале недоволни човечки и материјални капацитети и ограничено инвестирање во модернизација и опремување.
Ревизорски наоди се издвоени и во областа на фотоволтаиците. И покрај значителниот раст на инвестициите во соларна енергија, ДЗР констатирал системски слабости, недоволна координација меѓу институциите, недостаток на надзор и случаи на незаконско постапување при одобрувањето на проекти за фотоволтаични електроцентрали.
Во јавните набавки во ЕСМ, ревизијата опфатила 27 постапки во кои во 2024 година биле преземени обврски од околу 143,6 милиони евра. Според ДЗР, биле утврдени слабости во планирањето и спроведувањето на набавките, вклучително и постапки со ограничена конкуренција.
„Транспаренси“ го издвојува и истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за набавката на електрични автобуси. Тендерот бил спроведен трипати во период од 15 месеци, а во третата постапка била избрана заедничката понуда на „Икарус Електрик“ и „Зонгтонг Бас Холдинг“. Вредноста на набавката изнесува 60 милиони евра, а според истражувањето победничката понуда не била најниска, откако две поевтини понуди биле отфрлени.
Меѓу „матните“ случаи е издвоен и податокот дека повеќе од 70 проценти од жалбите до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите во 2025 година биле поради непостапување или молк на институциите. Од 623 жалби, 438 се однесувале на непостапување во законски предвидените рокови.
Во категоријата „бистри“ настани, пак, „Транспаренси“ ги издвојува постапките на Обвинителството против службени лица осомничени за коруптивни кривични дела. Меѓу нив е и акцијата во која е лишен од слобода помошник-директор во Царинската управа, за кого постои сомнение дека од април/мај до септември побарал и примил вкупно 17.500 евра, како и истрагата против инспекторка од Агенцијата за храна и ветеринарство, која според Обвинителството побарала и примила 250 евра за да констатира дека во објект нема неправилности.
„Транспаренси Интернешнл – Македонија“ преку „Бистро-Матно“ секој месец издвојува случаи и институционални наоди поврзани со корупцијата, постапувањето на институциите и борбата против коруптивните појави






