Василевски гладува пред факултетот, Клековски го упати кон друг оглас: Ако ги исполнува условите, ќе биде примен
Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека е запознаен со случајот на д-р Дарко Василевски, кој од денеска штрајкува со глад пред Медицинскиот факултет во Скопје поради, како што тврди, дискриминација и нетранспарентност при вработување. Сепак, Клековски посочува дека Министерството за здравство нема надлежност да постапува за вработувањата на Медицинскиот факултет.

Изјавата доаѓа откако Василевски, по 15 дена во кои, како што вели, не добил одговор на неговите барања, постави шатор пред Деканатот и започна штрајк со глад. Почетокот на протестот беше објавен и денеска, а тој претходно најави дека ќе го преземе овој чекор доколку институциите не одговорат на неговите барања за транспарентност.
Клековски вели дека случајот му е познат, но дека Медицинскиот факултет е образовна, а не здравствена установа.
„Запознат сум со случајот. Министерството за здравство не е надлежна институција за Медицинскиот факултет, како што знаете. Медицинскиот факултет е образовна установа, не е здравствена установа. Пред сè, надлежноста е на Министерството за образование“, рече Клековски.
Тој посочи дека Министерството за здравство во моментов работи на вработување на втората група од 300 приватни специјализанти во јавното здравство и дека Василевски би можел да конкурира во таа постапка.
„Доколку докторот се пријави за таа група и ги исполнува условите, ќе биде примен во делот на јавна здравствена установа“, рече Клековски.
Но, тоа не се однесува на работното место за кое Василевски протестира. Неговиот случај е поврзан со оглас за вработување двајца доктори по медицина на неопределено време во Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија при Медицинскиот факултет.
Василевски тврди дека при повеќе негови обиди за вработување на факултетот била проблематизирана неговата возраст. За последниот оглас тврди дека член на комисијата му рекол: „Ти си 80-то годиште“, додека за претходна постапка од 2022 година вели дека му било кажано дека е „стар“ и дека не може академски да напредува. Станува збор за тврдења на Василевски, за кои тој самиот посочува дека нема писмен доказ.
Документите што претходно ги објави „Скопје1“ покажаа дека за двете работни места биле избрани Слободан Доксимовски и Дарко Серафимовски, додека во известувањето доставено до Василевски не било наведено образложение за критериумите според кои бил направен изборот.
Василевски потоа побарал да му биде доставен бројот на одлуката или решението, заедно со правна поука, за да може да ги оствари своите понатамошни права објави Скопје1.мк





