Сиљановска-Давкова со порака до студентите: Верувајте во силата на критичкиот ум

Кога и да дојдам на овој простор чувствувам некоја чудна младешка енергија. Вие бевте и за мене останувате бунтовници со причина, а јас на пати се обидувам да ве имитирам, глумејќи политичарка, која се уште има нешто бунтовно во себе и никогаш нема да го заборави најубавиот дел во животот, им порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на студентите во својот говор на првиот академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со кој почнува новата академска 2026/2027.

-Сè уште верувам дека политиката може да се заузда со правото и дека на овој чуден свет му треба идеализам. Право, правда и етика – истакна Сиљановска-Давкова.

Таа нагласи дека според неа најважното нешто за студентите е да вежбаат и да веруваат во силата на критичкиот ум.

-Имаме тешка обврска кон светите Кирил и Методиј, да го продолжиме тоа што тие го започнале, бидејќи сигирно знаете од досегашното образование дека учителите многу често биле и станувале светци. Можеби затоа и ние, иако сме една мала држава, можеме да се пофалиме со умови – рече претседателката и потсети дека пред неколку дена, највисокото признание – 8 Септември и било доделено на светски познатата научничка Светлана Мојсов

Таа нагласи дека развојот на вештачката интелигенција не треба да го потисне природниот ум.

-Да не дозволиме вештачката интелигенција да го наруши природниот ум, зашто за да користите вештачка интелигенција, мора да имате природна интелигенција – рече претседателката. Сиљановска-Давкова ги повика студентите активно да ги бараат своите права и да се стремат кон промени, нагласувајќи дека УКИМ треба да биде предводник во промените.

Back to top button
Close