Крит не е само мит, Крит е реална приказна
Почитувани читатели, дозволете ми да го споделам со вас моето патешествие, оти вистинските пријатели можеш да ги препознаеш по радоста кога ја гледаат твојата среќа. Во животот ретко сум имал можност во една летна сезона да ги посетам најубавите дестинации кои го красат Медитеранот, а тоа се Сицилија, Малта и овој пат Крит.

Си земав слобода пред вас да ги изнесам моите лични впечатоци од престојот на Крит, импресии и заклучоци кои ги земав со себе како еден драгоцен багаж, ковчеже што сакам да го отворам и споделам со вас со инспиративна цел – да почнеме да ја градиме нашата Македонија по теркот на високоцивилизираните земји кои денес го обликуваат модерниот свет.
Крит е најголемиот остров на Медитеранот, со местоположба која му дава егзотичен приказ на спојување три континенти Европа, Азија и Африка.
Крит во светската историографија има голем придонес во цивилизацискиот развој на човештвото. Историјата на Крит е многу богата, од античките древни времиња па до денес, а неговите жители умееле и умеат да се прилагодат на сите предизвици. Интересен е фактот што во последните 800 години со Крит владееле Венецијанците цели 500 години, а 200 години со Крит владеела Отоманската Империја. Крит станува дел од Грција во првата половина на 20 век.
Жителите на овој остров, според моите видувања се едни од најсреќните граѓани кои знаат да се справат со сите предизвици пред нив. Основното мото на секој жител од овој остров е дека животот треба да се живее согласно нормите кои го обликуваат нашето секојдневие.
На овој остров православието се почитува и живее, а тоа значи како впрочем како и за секоја религија, подигнување на вредностите во битието на секој поединец да се биде човек, чесен и доблестен.
Согласно Јулијанскиот календар на 15 август се чествува празникот Успение на Пресвета богородица и нема жител на овој прекрасен остров кој овој светол празник не го чувствува и чествува.
Тука ја почувствував силата на религијата во зачувување на сопствените традиции кои оставаат силни траги во секојдневниот живот. Љубомора, омраза и конфликти меѓу граѓаните, кои се причини за хронични стресови, на овој остров како да не постојат.
Целиот стопански развој на овој остров е посветен на, денес можеби најсилната стопанска гранка, туризмот. Од дамнешни времиња маслината и маслиновото масло од овој раскошен остров се познати како светски брендови, а граѓаните на Крит многу умешно го вклопија во развивањето на туризмот, кој денеска цути. Северниот дел на овој остров, така наречен питом дел, привлекува речиси 80% од туристите. Јужниот дел од овој остров претставува своевидна природна архитектура на феноменален спој меѓу морето и високите карпести планини како со нож пресечени, што му дава егзотичен изглед. Илјадници туристи уживаат во вакво чудо на природата.
Со моите пријатели бевме сместени во регионот околу градот Агиос Николаос кој важи за едно од најразвиени туристички дестинации на островот.
Градчето Агиос Николаос, кое се наоѓа на источниот дел од островот, ушушкано е во залив кој му дава сигурност од можните бури кои вообичаено се случуваат на отворено море. Спојот на природата од морето и копното, со умешна човечка рака добива нестварна, божествена аура на прекрасно катче кое мами воздишки одалеку.
Градчето е распослано на бреговите од езерото и морската шир. Феноменот на езерото, необјаснив до денес, е што изворите кои го хранат ова мало езеро во кружен облик со пречник 140 метри и длабочина 50-тина метри, упорно одолева на морските струи и бранови, љубоморно чувајќи ја својата автономност. Морето е беспомошно при освојувањето на ова мало езеро. Ако науката еден ден не најде објаснување, ќе заклучиме дека се работи за божја волја. Ете толку е божествен тој призор, а според античката легенда во ова езеро се капела божицата Атена.
Недалеку од овој прекрасен град се наоѓа и малото островце Спина Лонга, во поново време наречен остров на лепрозните, не поголем од нашиот остров на Преспа, островот на змиите или Голем град. Денес за ова мало островце има голем интерес кај туристите.
Што направија Грција и жителите на Крит?
Овој остров од 1903-1957 година бил остров каде биле стационирани луѓето заболени од лепра. Траорната историјата за ова полувековно болно емигрирање на заболени луѓе од лепра, денес е престорена во туристичка атракција. Светот веќе знае за овој остров кој во дамнешни времиња бил тврдина на Венецијанците, а сега место на туристичка наезда од преку 10-15.000 туристи на ден. Приказната која го обиколи светот за животот на лепрозните луѓе на овој остров стана исклучително примамлива за посета.
Овие импресии ме возбудија и инспирираа да размислувам за нашата татковина. Македонија има огромно културно наследство кое сѐ уште не е откриено пред очите на јавноста дома и низ светот . Модерниот свет е гладен да осознае за цивилизациските придобивки токму од нашиов регион.
Островот на змиите или Голем град во Преспа нуди многу силни културолошки факти, далеку од очите на јавноста. На него има црква Св. Петар изградена во 5 век за која денеска светот, а и ние граѓаните на Република Македонија не знаеме скоро ништо.
Како стопанственик морам ова да го споделам со вас. Островот Спина Лонга денеска прави дневен промет повеќе од половина милион евра, додека Островот Голем град во Преспа прави промет нула!
Почитувани читатели, Македонија мора да ја издигнеме во очите на светот. Политичарите мора да практикуваат визионерски приод кон стопанскиот развој на земјата, а туризмот како стопанска гранка е визионерски силен. Време е да се разбудиме.
Препорачувам политичките партии повеќе да се занимаваат со стопанскиот развој на земјата, со раскошната и плодотворна земја пребогата со културни наследства, идеална за развој на туризмот. За да ни се случи, мора да се вклучи sвоното за тревога дека ќе го изгубиме и тоа што го имаме ако не умееме визионерски да го третираме и чуваме, со љубов, искуство и знаење.
Трифун Костовски






