Куково лето

Новата градоначалничка на Скопје Данела Арсовска престана да ја глуми улогата на независна кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ само три дена откако ја презеде функцијата.

Сè уште не сум сигурен дали идејата да не се појави на доделувањето на наградата „13 Ноември“ била нејзина, или на партијата што ја поддржа. Да била само нејзина, немаше да се појави ни на полагањето цвеќе на споменикот на ослободителите на Скопје.

Објаснувањето за непојавувањето на доделувањето на наградите, дека настанот бил во организација на Петре Шилегов, е баш онака – вмровски, ем ќе тераме инает, ем ќе исплукаме сè, па дури и добитниците на наградата, ем ќе си го тераме стилот „сè почнува од нас“. Синким, Петре Шилегов ја измисли наградата.

Ништо не ја пере Данела што на почетокот на мандатот тргна по партиски памет. И тоа на најпротоколарен настан. Баш го избра вистинскиот момент – Денот на ослободување на Скопје од фашистичкиот окупатор. И така, брзо заврши претставата „Прва жена на чело на Скопје после Вера Ацева“.Со непочитување на празникот на ослободувањето на Скопје, Данела Арсовска го навреди баш споменот на единствената претходна градоначалничка на Скопје, партизанката Вера Ацева.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на последното интервју на Телма рече дека „право на избор е со Устав гарантирано дали некој ќе се вакцинира или нема да се вакцинира и така да се имунизира“ и дека „некој ќе реши дека нема да се имунизира со вакцина и да го прележи тој вирус и така да се имунизира“.

Тој рече и дека не го интересираат уставите на Грција, Германија и Австрија, каде што се ограничуваат правата на невакцинираните. Не верувам дека кој било Устав дозволува да заразуваш други луѓе со заразни болести. И тоа со болест за која нема лек, а има вакцина. Оти и во нашиот Устав, во член 39, е запишано дека „Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“. Што значи дека правото на некој да се „имунизира“ со заразна болест е во спротивност со правото на друг да остане здрав.

Правото на некој што решил со природна имунизација да го окупира медицинскиот кадар и блокира болници е во спротивност со правото на друг да има пристап до истиот медицински кадар и истите болници. Оти, здравствено осигурување плаќаат и тие што имаат право да се заразат, ама и тие што сакаат да бидат здрави. Не знам како дојдовме до дереџе за ова да дебатираме со лидерот на најголемата опозициска партија.

Како политичар, Мицкоски за сè има антипротивен став, па од чист популизам вика и дека секој има право да се зарази со заразна болест и да си умре ако му била таква среќата. Ама, зарем треба ова да му се објаснува на професорот Мицкоски, кој е технолошка интелигенција.

Баш ме интересира што си мисли професорот Мицкоски за политичарот Мицкоски, додека го убедува дека секој има право да ги доведе во ризик не само својот живот, туку и животите на сите околу себе.

Целата колумна на Горан Михајловски на сдк мк

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close