Кулеба и Резников: Апелираме за формирање на меѓународна тенковска коалиција за поддршка на Украина

Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба и министерот за одбрана на Украина Олексиј Резников, во заедничка изјава во врска со итноста за зајакнување на одбранбените капацитети на Украина, апелираат за формирање на меѓународна тенковска коалиција за поддршка на Украина.

 

 

Заедничката изјава што ја пренесе украинската амбасадорка, Лариса Дир, ја пренесуваме во целост.

„Руската криминална агресивна војна против Украина, која се води речиси една година, останува најсериозната закана за меѓународната безбедност и единствениот предизвик без преседан за меѓународната заедница од Втората светска војна.

Оваа војна претставува особено акутна опасност за евроатлантската заедница имајќи ги предвид отворените цели на Русија да го уништи европскиот безбедносен поредок и да ја поткопа одржливоста на демократијата како форма на социјален живот.

Со создавање на закана од глобална криза со храна и доведување до нарушувања во меѓународната трговија, руската агресија предизвика исклучително сериозни последици за многу земји во Африка, Азија и другите континенти.

Русија не ги промени своите цели во однос на Украина, кои се да уништи една од најголемите држави во Европа и да ја истреби силната 45-милионска украинска нација. Русија ја спроведува својата агресија, извршувајќи бројни воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и намерни убиства на цивили, масовни ракетни напади врз мирни украински градови и насочено уништување на цивилната инфраструктура.

Со својот херојски отпор и успешните операции за ослободување на своите територии, Украина решително ја докажа својата способност да ја запре државата агресор. Благодарение на храброста и издржливоста на украинскиот народ, хероизмот и професионализмот на Вооружените Сили на Украина, во светот се повеќе се сфаќа дека колку посилни стануваат одбранбените способности на Украина, толку побрзо Русија ќе ја прифати залудноста на нејзините обиди за освојување на нашата земја и толку побрзо ќе заврши оваа сурова војна во срцето на Европа.

До денес е направено многу за зајакнување на одбранбениот потенцијал на Украина. Нашата земја им е благодарна на повеќе од педесет земји-партнери за нивната практична воена помош.

Меѓутоа, Русија задржува значителна квантитативна предност во трупи, оружје и воена опрема. Руските трупи продолжуваат со офанзивата во источните региони на Украина. Кремљ е решен дополнително да ги ескалира воените дејствија. Изгледите за обидот на Русија да се одмазди за нејзините неуспеси во војната против Украина, вклучително и заканата од нова целосна офанзива од страна на руските сили, се многу реални.

Затоа се обраќаме до сите земји-партнери кои веќе дадоа воена помош или планираат да ја пружат, со повик значително да го зајакнат својот практичен придонес во зајакнувањето на способноста на Украина да се брани и да ја доведат својата помош на квалитативно ново ниво.

Денес, подобрувањето на обезбедувањето на Вооружените Сили на Украина со модерни оклопни возила и зголемувањето на нивните огнени и маневрирачки способности со помош на западните тенкови е една од најитните и неодложни потреби.

Ја поздравуваме храбрата и многу навремена одлука на Обединетото Кралство да ја достави првата ескадрила тенкови Challenger 2 во Украина. Меѓутоа, тоа не е доволно за да се постигнат оперативните цели. Затоа, го упатуваме нашиот апел до државите кои имаат тенкови Leopard 2 во служба, вклучувајќи ги Канада, Данска, Финска, Германија, Грција, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Шпанија, Шведска и Турција. Гарантираме дека ќе го користиме ова оружје одговорно и исклучиво за целите на заштита на територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.

Апелираме до сите овие и другите земји кои поседуваат соодветни капацитети да се приклучат на иницијативата за формирање на меѓународна тенковска коалиција за поддршка на Украина и да го дадат својот практичен придонес за оваа кауза.

Ве повикуваме да го направите ова за доброто на милиони мирни граѓани на Украина, кои ќе останат во смртна опасност од Русија, државата агресор и терорист, доколку Вооружените Сили на Украина не го добијат навремено потребното засилување.

Ве повикуваме да го направите ова заради вашите сопствени граѓани, кои бараат да се запре државата терорист со цел злосторствата што ги прави да не дојдат во нивната земја и во нивните домови.

Повикуваме ова да се направи заради одржување на правото на секоја нација во нашиот свет да биде господар на својата судбина на сопствената земја. Заради победата на универзалните човечки вредности на нашата цивилизација – вредностите на мирот, слободата и демократијата“, се истакнува во заедничката изјава на Кулеба и Резников.

извор:Фронтлајн

Back to top button
Close