Курти бара поголемо присуство на НАТО во Косово


Косовскиот премиер Албин Курти бара зголемување на бројот на војници и на опрема на воената мисија на НАТО во Косово, КФОР, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за германски „Ди Велт” („Die Welt”) кое денеска го пренесуваат приштинските медиуми, Курти вели дека зголеменото присуство на НАТО во Косово ќе придонесе за зачувување на мирот, не само во земјата, туку и во целиот Западен Балкан.

Тој информира дека Косово во минатата година го зголемило буџетот за одбрана, како и бројот на резервни војници во Безбедносните сили на Косово.

-Зголемување на бројот на војници во мировните сили на НАТО, КФОР, би претставувало значајна поддршка на нашите заложби од одбранбен аспект, изјави Курти.

Во Косово моментно има околу 3.800 војници на КФОР, од кои 70 се од Германија. Според одлука на германскиот Бундестаг, во случај на потреба од таа земја во Косово можат да се испратат по итна постапка до 400 војници.

-Германските војници секако дека се добредојдени во Косово, изјави косовскиот премиер за „Ди Велт”.

Ситуацијата во Косово минатите недели беше мошне напната, откако косовските Срби во северниот дел на земјата, населен со мнозинско српско население, поставија блокади на патните правци кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак. Освен тоа имаше напади со шок-бомби, но и со огнено оружје, врз припадници на полицијата, новинари, но и врз патрола на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС.

-Шеснаесет барикади во четирите северни општини, како и маскирани мажи со ознаки на платеничките формации „Вагнер” и „Ноќни волци” во нивните црни униформи и со знамиња, извикувајќи „Моли се на Бога и држи се силно до Русија”, ја прават јасна потребата од дополнителни сили на НАТО, како што тоа го прави и собирањето српски трупи и артилерија долж границата со Косово и постојаните изјави од српската и од руската држава, изјави Курти.

Барикадите во северно Косово се подигнаа на 10 декември, во знак на протест поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој се сомничи дека организирал напади со експлозивни направи и огнено оружје врз општинските изборни комисии и врз полициски патроли во тој дел од Косово.

На 28 декември Пантиќ беше ослободен, откако мерката 30-дневен притвор му се замени со мерка куќен притвор, по што утредента барикадите беа отстранети.

Back to top button
Close