Кузеска: Кога истрагата е селективна, а обвинителот станува подобен за Мицкоски, правда не може да се очекува

„Страшната трагедија во Кочани, во која загинаа 59 луѓе, повикува на неселективна и темелна истрага за лоцирање на одговорност. За жал, од досегашниот тек на истрагата гледаме дека се води селективно и не се опфатени актуелните функционери и службеници, иако биле на функции на денот кога се случила трагедијата. Како тоа тие што се директно одговорни за безбедноста на самиот настан, во БЈБ и МВР, во ОВР Кочани и Штип како е можни тие да не се опфатени со истрагата?“ праша на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Според неа, „Доколку институциите постапеле согласно своите законски обврски, на терен ќе имало присуство на Противпожарна бригада, Брза помош, адекватен број полициски службеници и сите неопходни безбедносни протоколи за ваков тип јавен собир. Се поставува прашањето како е можно да не се истражуваат лица кои вечерта биле на одговорни позиции со законска должност да постапат – но не го сториле тоа? Понатаму, зошто актуелните директори на ДПИ и на УЈП не се опфатени со истрагата?

Истражниот процес, кој мора да биде непристрасен и целосен, се претвора во инструмент на политичко калкулирање. Се заштитуваат позиции, се менуваат стратегии“.

„Пред само неколку недели, јавниот обвинител беше под притисок за разрешување и тоа директно од Мицкоски. Владата започна постапка, се вршеа јавни напади, се создаваше јасен наратив за негова недоверба. Одеднаш пресврт, станува „потребен“ – постапката е стопирана, Советот за јавни обвинители не заседава, а Мицкоски повикува да му се даде шанса. Кога обвинителот од неподобен станува подобен, а истрагата ги допира само оние од минатото тогаш е јасно дека неселективна правда не може да се очекува“ рече Кузеска и порача:

„СДСМ нема да молчи. Ние нема да го оставиме јавниот интерес во рацете на политичари што правдата ја испорачуваат според нивната политичка потреба“.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close